На вчерашниот кошаркарски натпревар Македонија – Романија, се слушале националистички скандирања од трибините во спортската сала во Куманово, додека на настанот присуствувала и владина делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски. Инцидентот предизвика жестоки партиски реакции

Основното јавно обвинителство Куманово постапува по вчерашните националистички скандирања на кошаркарски натпревар во градот – чин кој го осудија и власта и опозицијата.
Од Обвинителството велат дека издале повеќе наредби до СВР Куманово, меѓу кои и наредба за обезбедување на снимки од видео надзор за да ги идентификуваaт сторителите.
„Основното јавно обвинителство Куманово постапува и до СВР Куманово издаде повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеа говор на омраза од засега непознати лица на вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“,
соопшти ЈОРСМ.
На натпреварот се слушале националистички скандирања од трибините во спортската сала, додека на настанот присуствувала и владина делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски.
Фотографии од настанот може да се најдат на фејсбук – профилот на премиерот на кои се гледа дека тој го проследил натпреварот заедно со кумановскиот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Вчерашниот настан послужил и за симболично на Илинден да се отворени спортската сала после реконструирање.
Организатори биле Македонска кошаркарска федерација, а домаќин Општина Куманово.

Покрај Мицкоски и Димитриевски, натпреварот го следеле и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, како и други високи државни претставници.

Осуда и повици за одговорност
Меѓу присутните бил и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој денеска од партиската говорница соопшти дека неговата партија осудува секаков вид националистички испади и говор на омраза.
Тој посочи дека ксенофобичниот говор доаѓал од една многу мала група граѓани.
„Во тој контекст, осудуваме секаков вид на националистички испади и говор на омраза, без оглед од чија страна доаѓаат. Таквите злоупотреби одат во корист на сите политички струи и структури, кои со децении водат политика на омраза едни кон други. Национализмот и говорот на омраза е најдобрата одбрана на криминалот на структурите кои со години ги злоупотребуваат меѓуетничките односи и гледаат шанса за спас за кариерите и нивната егзистенција во политиката. Нашата цел е да се обединиме за напредокот и заедничката иднина на Македонија“,
изјави Петрушевски.
Од СДСМ го осудија инцидентот како обид за предизборни тензии меѓу граѓаните, а од ДУИ, пак, побараа и оставки од функционери на ВЛЕН.
ВЛЕН возвратија дека во минатото имало многу трагедии кои ги засегале и Албанците, но, како што посочија оттаму, во ниту една ситуација немало оставки на функционери од ДУИ.
Инаку, натпреварот Македонија – Романија заврши со победа на гостите од 80:72.