Костадинов пресудата од Апелацискиот суд Штип ја објави на својот фејсбук-профил, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека е подготвена „да остави цел град без вода само за да предизвика криза која потоа ќе ја користат за сопствени политички потреби“

Апелацискиот суд во Штип донел правосилна пресуда со која ја потврди исправноста на водата за пиење во Струмица. Оваа одлука доаѓа по повеќемесечни тврдења на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за наводна неисправност на водата, што според градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, предизвикало страв и паника кај населението.
Костадинов пресудата од Апелацискиот суд Штип ја објави на својот фејсбук-профил, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека е подготвена „да остави цел град без вода само за да предизвика криза која потоа ќе ја користат за сопствени политички потреби“.
„За рејтинг се спремни да ги лажат луѓето дека не треба да пијат вода. Срам, мизерија и ниски страсти. Водата е чиста, питка и биохемиски исправна“,
напиша Костадинов.
Тој најави дека Општина Струмица и тој лично ќе поднесат кривична пријава против директорот на АХВ поради предизвикување страв и паника кај населението, кое, иако имало питка вода, било плашено и му било забранувано да ја пие.
За потсетување, минатата година, од крајот на септември до крајот на октомври, водата за пиење во Струмица беше забранета за употреба поради зголемено присуство на минералот манган кој е витален за човечкиот организам, но во многу мали дози, при што од АХВ тврдеа дека квалитетот на водата отстапува од стандардите.
Градоначалникот Костадинов тврдеше дека водата во Струмица е исправна и истата е чиста и безбедна за пиење.
Тој приложуваше две направени анализи од акредитирана лабараторија за хемиско-физичкиот состав на излезната вода од Фабриката за вода и една анализа од акредитирана лабораторија во однос на присуството на бактериите, и тврдеше дека има доказ дека водата во Струмица е исправна и безбедна за пиење.