Министерката Јаневска посочи дека постои голем интерес за „скопските познати гимназии“, при што во една од нив, „Орце Николов“, најверојатно ќе се организира квалификациско тестирање бидејќи за шест слободни места пријавени се повеќе ученици

Министерката за образование и наука Весна Јаневска е задоволна од досегашниот тек на уписите во средните училишта, нагласувајќи дека и оваа година стручните училишта се полнат со значително поголем интерес од гимназиите. По првото пријавување во јуни, над двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта (9 469) споредено со гимназиите (4 243).
Инаку, вчера и денеска се спроведува второто јунско електронско пријавување, а кандидатите денес ги доставуваат документите во училиштата. Резултатите од рангирањето се очекуваат на крајот на денот.
Министерката Јаневска посочи дека постои голем интерес за „скопските познати гимназии“, при што во една од нив, „Орце Николов“, најверојатно ќе се организира квалификациско тестирање. Овој приемен испит се спроведува доколку бројот на ученици со исти бодови од успехот го надминува бројот на предвидени слободни места. Во „Орце Николов“, како што рече Јаневска, има шест слободни места, а пријавени се повеќе ученици.
„Таков е законот, такви се правилата и така и ќе постапуваме. Не гледам причина што било во овој правец да се менува. Добро е јавноста да знае, и учениците, и родителите, и наставниците – дека во еден одреден момент на животот ќе се провери знаењето на децата. Ова е еден од стимулсите да знаат дека ако сакаат да учат таму каде што сакаат и да ги исполнуваат своите соништа, треба да учат во младоста, а потоа и на своето работно место“,
изјави Јаневска на настан во Македонската банкарска асоцијација.
Во врска со реакциите од три фирми застапници на британски издавачи за учебници по англиски јазик, кои повикот на МОН го оцениле како „дискриминаторски“, министерката Јаневска одговори дека резултатите сè уште не се објавени и дека не е јасно на што точно се реагира.
„Не знам на што реагира кој и да е тој што реагира. Во состав на МОН е Педагошката служба и има директор. Јас како министер во овој момент ниту сакам, ниту имам право да се вмешам во овој процес, но сум одговорна за спроведување на процедурата. Како што е по закон побарано, така се постапува во Министерството, таква информација имам од директорот на Педагошката служба и верувам дека нема дилема дека тука е постапено по закон. Сите што мислат дека има некаков прекршок или за што и друго да се сомневаат, има институции во државата, слободно нека се обратат. Но, избор сè уште нема, не знам на што се жалат луѓето“,
рече Јаневска.