Во соопштението на Европската комисија се наведува дека по една година унапредување на реформите и интензивна соработка во областите како финансии, транспорт, дигитално поврзување и интеграција на пазарот, еврокомесарката Кос и лидерите од Западен Балкан направиле преглед на досегашниот напредок и ја потврдиле својата решеност за редовни состаноци за одржување на политичкиот моментум зад спроведувањето на Планот за раст
Лидерите од шесте земји од Западен Балкан ја потврдија својата решеност за искористување на можностите од Планот за раст – информираа попладнево од Европската комисија по лидерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан кој денеска се одржа во Скопје во присуство на еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Се наведува дека по една година унапредување на реформите и интензивна соработка во областите како финансии, транспорт, дигитално поврзување и интеграција на пазарот, еврокомесарката Кос и лидерите од Западен Балкан направиле преглед на досегашниот напредок и ја потврдиле својата решеност за редовни состаноци за одржување на политичкиот моментум зад спроведувањето на Планот за раст.
„Планот за раст е акцелераторот на Западен Балкан во европското семејство – тој е суштински елемент за забрзување и продлабочување на интеграцијата со Европската Унија. За само 20 месеци преминавме од идеи кон резултати и продолжуваме да ја прошируваме нашата соработка. Во свет кој се фрагментира, проширувањето останува наш проект за обединување. Ги поканувам партнерите да го искористат овој прозорец на можности и да ги удвојат напорите за спроведување на реформи. Од моја страна, ќе направам сè што можам за да им помогнам на партнерите што побрзо да ги достигнат пресвртниците, така што луѓето и бизнисите во регионот ќе ги имаат сите придобивки од Планот за раст уште пред пристапувањето“,
порача еврокомесарката Кос.

Во соопштението објавено на веб-страницата на Европската комисија по состанокот на Скопје се наведува дека лидерите на Западен Балкан се согласиле да ги удвојат реформите, потврдувајќи ја својата политичка посветеност и работејќи на создавање национален консензус за навремено усвојување на клучните мерки.
Се додава дека во следните недели Комисијата ќе ја финализира својата проценка за спроведувањето на реформите и ќе продолжи со усвојување на одлуките за исплатите поврзани со првата рунда од спроведувањето.
Состанок првично требаше да се одржи во март годинава, но беше одложен поради трагедијата во Кочани, а следниот состанок, според најавите, треба да се одржи наесен.
Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен од Европската комисија на 8 ноември 2023 година. Има за цел да ги интегрира земјите од Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ, да ја унапреди регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со ЕУ и да го зголеми претпристапното финансирање.