Дополнително, на долгорочен план, министерот за внатрешни работи најави и можност за пренасочување на товарниот сообраќај кон посебен граничен премин, слично на решението што веќе го применува Грција
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска информира дека се планира да се отворат две нови ленти за излез и една дополнителна ленат за влез на товарни возила на граничниот „Богородица“.

Според Тошковски ваквата реорганизација на ГП „Богородица“ треба значително да го олесни метежот кој во летниот период е вообичаен, особено поради големиот број туристи од регионот кои патуваат кон Грција, односно да се намалат чекањата од неколку часа се очекува со подобрување на капацитетот и ефикасноста на граничниот премин.
„Во текот на вчерашниот ден бев на граничниот премин „Богородица“, при што од моја страна и од страна на мојот тим констатиравме дека и тоа како има простор за подобрување на граничниот надзор што го вршиме ние на граничниот премин. Односно можеме да ставиме во функција уште најмалку две ленти за излез, со реорганизација и можеме да ставиме во функција уште најмалку една лента за влез во делот на товарниот сообраќај со што цениме дека првично ќе се подобрат условите компарирано со претходните години за транзитирање на нашите граѓани, како на патничкиот така и на товарниот сообраќа“,
изјави миниистерот за внатрешни работи одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со неговиот литвански колега Владислав Кондратович.
Дополнително, Тошковски најави и можност за пренасочување на товарниот сообраќај кон посебен граничен премин, слично на решението што веќе го применува Грција.
„Значи размислуваме во насока на товарниот сообраќај да го тргнеме во целост од моменталниот начин на функционирање на граничниот премин „Богородица“. Така што цениме дека со таков начин на имплементација и тоа како ќе го олесниме транзитирањето не само на патничкиот туку и на товарниот сообраќај“,
кажа министерот за внатрешни работи.