Еврокомесарката за проширување рече дека клучните реформи што ЕУ ги бара од земјите во регионот не се едноставни, но ги увери лидерите од Западен Балкан дека на долг рок тоа ќе вреди бидејќи, како што кажа, бенефитот е многукратен и подразбира безбедност, стабилност, просперитет за сите граѓани. Ги повика лидерите на земјите од Западен Балкан да ги водат промените на длабоката општествена трансформација која ја бараат реформите
Можам да се разнежнам кога зборувам за Западен Балкан бидејќи регионов ми е многу драг и сакам да помогнам најмногу што можам за да да може да преминете преку целта – порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на лидерскиот самит на ЕУ – Западен Балкан кој се одржува во Скопје.

Кос рече дека клучните реформи што Европската Унија ги бара од земјите во регионот не се едноставни, но ги увери лидерите на земјите од Западен Балкан дека на долг рок тоа ќе вреди бидејќи, како што кажа, бенефитот е многукратен и подразбира безбедност, стабилност, просперитет за сите граѓани. Ги повика лидерите на земјите од Западен Балкан да ги водат промените на длабоката општествена трансформација која ја бараат реформите.
„Планот за раст е целосно во ваши раце, нема мешање од политичките динамики. Ова е алатка што ќе ви помогне со важните реформи кои, исто така, се неопходни да ве подготват за членство во Европската Унија, овозможуваат да го искористите единствениот пазар и да го приближите до вашите бизниси и граѓани на еднакво ниво со другите земји членки и тоа сега, не во некоја далечна иднина. Веќе дадовте многу, но сега треба да се интензивира фазата на имплементација. Земете ја за пример СЕПА – младите претприемачи во Скопје или Тирана може да добиваат исплата од цела Европа исто како бизнисите во Мадрид или Виена“,
рече Кос во воведното обраќање.
Осврнувајќи се на реформите од Планот за раст, еврокомесарката рече дека средствата се исплаќаат по испорака на реформите и додаде дека очекува опиплив прогрес пред следната лидерска средба.
„Растот е во ваши раце, вие треба да успеете за доброто на вашите земји и да им докажете на земјите членки на дека сте подготвени за повеќе. Земјите членки ве набљудуваат што испорачувате и се радуваат на секој ваш успех“,
додаде Кос.
Првпат во историјата на Европа, порача еврокомесарката, ако правилно се работи, во процесот на проширување Европа може да биде обединета. Без Западниот Балкан, како што рече, Европа не може да биде обединета. Таа го истакна напредокот на Албанија, Црна Гора, БиХ и Србија. Посочи дека Албанија отворила три кластери, во последните шест месеци, со што, како што рече, придонела на успехот на процесот на проширување.