Во рамки на лидерската средба планирано е да се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција. Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст
Денеска во Скопје ќе се одржи официјалниот дел од лидерскиот самит на Европската Унија и земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст.

Самитот, како што се наведува, ќе биде можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.
На настанот, чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.
Во рамки на лидерската средба планирано е да се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.
Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.
Премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување Кос вчера во Владата одржаа тет-а-тет. На неа македонскиот премиер, како што соопштија од Илинденска број 2, ја истакнал определбата на Владата за достоинствена интеграција на земјава во Европската Унија, преку спроведување на суштински реформи во клучните области.
„На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции. Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација“,
напиша Мицкоски на неговиот официјален фејсбук-профил.

Еврокомесарката Кос, како што наведува тој во објавата, ја поздравила реформската агенда на Владата и ја потврдила поддршката на Европската комисија за напредокот на регионот на европскиот пат.
Премиерот нагласил дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Мицкоски синоќа во Скопје ги пречека и лидерите од регионот кои ќе учествуваат на самитот.
„Имав чест да сум домаќин на лидерите на државите од Западен Балкан и ЕУ. Скопје е домаќин на важен настан, и оваа пригода ја користиме за лобирање за македонските интереси и политики“,
објави тој на Фејсбук.
Инаку на Меѓународниот аеродром во Скопје еврокомесарката за проширување Кос беше пречекана од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, кој оцени дека евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратегиска определба на Владата.
„На состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија“,
објави шефот на македонската дипломатија на својот официјален фејсбук-профил.

Евокомесарката за проширување вчера во пресрет на официјалниот почеток на Самитот на лидерите од Западен Балкан, оствари средба и со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Во разговорите, како што соопштија од Министерството, Муртезани ги истакнал резултатите кои земјава досега ги постигна во спроведувањето на Планот за раст, кој е носечка тема на Самитот, како и Реформската агенда 2024-2027.
„Еврокомесарката Кос ги поздрави посветеноста и реформските напори на Владата, посебно во делот на успешно реализираните реформи, новоусвоените закони и динамиката на спроведување на приоритетните мерки во повеќе клучни сектори како што се управување, енергетика, зелена транзиција, дигитализација, развој на човечкиот капитал, бизнис климата и владеење на правото. Комесарката ја охрабри Владата да продолжи со оваа динамика на реформи, истовремено укажувајќи на важноста од искористување на актуелниот момент за натамошен напредок и надминување на преостанатите предизвици“,
беше наведено во соопштението од МЕП.
Посетата на еврокомесарката за проширување на земјава минатата недела ја најави Европската комисија која соопшти дека Кос доаѓа во Скопје на средба со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст и дека покрај премиерот Мицкоски, на средбата ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
Поради одржувањето на лидерската средба, вчера и денеска Скопје е под посебен сообраќаен режим во поширокото централно градско подрачје. Од Министерството за внатрешни работи апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.