Според соопштението на полицијата, вчера во 16:40 часот непознато лице телефонски пријавило дека во авион што сообраќал на релација Белград-Тиват е поставена експлозивна направа, а кој според распоредот на летовите требало да слета на аеродромот во Тиват во 18:30 часот
Дваесет и тригодишен српски државјанин вчера попладне бил уапсен во Црна Гора под сомнение дека пријавил оти во авион на „Ер Србија“, кој слетал во Тиват од Белград, е поставена експлозивна направа.

Случајот за црногорски „Вијести“ го потврдиле од локалната полициска управа, а осомничениот е идентификуван како Стефан Михајлов (23) од Србија.
Тој, според информациите, бил уапсен во Херцег Нови и се товари за кривично дело лажно пријавување.
Поради дојавата за поставена бомба во авионот, сообраќајот на аеродромот во Тиват бил во прекин.
Според соопштението на полицијата, вчера во 16:40 часот непознато лице телефонски пријавило дека во авион што сообраќал на релација Белград-Тиват е поставена експлозивна направа, а кој според распоредот на летовите требало да слета на аеродромот во Тиват во 18:30 часот.
„Веднаш по приемот на пријавата, службениците на Одделот за борба против криминалот заедно со службениците на Регионалниот безбедносен центар ‘Југ’, Одделот за безбедност на Тиват и Одделот за безбедност на Херцег Нови, презедоа низа итни сеопфатни мерки и дејствија во врска со овој настан, со цел да се обезбеди безбедноста на сите патници, како и идентификација на лицето кое го упатило повикот“,
се вели во соопштението на Полициската управа.
По ова, како што се додава во него, следувале координирани активности и формирање кризен штаб на аеродромот во Тиват, кој дејствувал според протоколот за справување со кризни ситуации.
Аеродромот бил евакуиран, а по слетувањето на конкретниот авион полицијата извршила проверки на сите патници и багажот.
„Дополнително, полициските службеници од Секторот за безбедност на лица и објекти, Група за антисаботажна заштита извршија антисаботажна проверка на авионот и утврдија дека пријавата е лажна. Многубројните полициско-обвинителски активности што беа преземени дополнително резултираа со идентификација, лоцирање и лишување од слобода на лицето С.М. (23) од Република Србија, за многу кратко време. Тој е осомничен за сторено кривично дело лажно пријавување“,
соопштила полицијата.