Втората работа што ја наведе како предизвик при евентуалното спроведување на една ваква операција е што во ниту една од базите на податоците што се вкрстуваат при попис не фигурира категоријата националност
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, смета дека спроведувањето електронски попис не е едноставен предизвик, за разлика од неговиот политички опонент Христијан Мицкоски, кој ја отвори темата за евентуална ваква операција откако Уставниот суд минатата недела укина делови од методологијата за пописот во 2021 кои се однесуваа на категориите „резидентно“ и „нерезидентно население“.

Со укинувањето на ваквата категоризација од страна на Уставен како незаконска и неуставна на следниот попис овие категории нема да фигурираат во методологијата за попис на население. Сепак, одлуката на уставните судии нема да важи ретроактивно бидејќи станува збор за укинувачка, а не поништувачка одлука.
Филипче денеска го соопшти својот став во врска со прашање и наведува дека ако на луѓето не им се даде можност да се регистрираат како нерезиденти, тогаш тие ќе сторат сè за да се регистрираат како резиденти за да можат да си остварат своите права.
„Постојат насоки од Обединетите нации како се прави попис. Тие насоки важат за сите земји во светот, не само во Европа. Ако на луѓето не им се даде можност да се регистрираат како нерезиденти, а не се резиденти, односно се смета дека се нерезиденти затоа што живеат во друга земја, ако живеат повеќе од една година и тоа важи како критериум во цел свет, тогаш тие ќе направат се да се регистрираат тука поради тоа што не сакаат да си ги скратат своите права. И тоа е зошто има резиденти и нерезиденти. Нерезидентите се дел од пописот од земјите каде што живеат повеќе од една година“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Говорејќи во тој контекст, тој го кажа и својот став зошто смета дека спроведувањето електронски попис би биле проблем и предизвик.
Според претседателот на опозициската партија, првиот предизвик е што процентот на луѓе кои се водат на друга адреса изнесува над 25-26 проценти.
„Ова значи дека првиот предизвик на електронскиот попис е дека нема да има вистинска мапа на населението, односно нема да бидат луѓето регистрирани вистински каде што живеат туку само по личната карта и во многу случаи на друго место“,
рече Филипче.
Втората работа што ја наведе како предизвик е што во ниту една од базите на податоците кои се вкрстуваат при попис не фигурира категоријата националност. Појаснувајќи го ова, тој се повика на искуството од пописот во 2021 година што го спроведе тогашната влада предводена од СДСМ.
„Кога се вкрстуваат податоците со базите на Фондот за здравствено, ПИОН, Управата за јавни приходи (УЈП) како за време на пописот во наше време се вкрстуваа податоците од шест електронски бази за да се провери каде е работното место, име, презиме итн., таму ја нема графата за националност. Тие две работи сметам дека се сериозен предизвик кога станува збор за тоа дали да се прави или не електронски попис“,
кажа лидерот на СДСМ.
Темата за вонреден електронски попис се отвори откако Уставниот суд на 25 јуни оцени дека категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ населени од Методологијата за пописот од 2021 година не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.
При разгледувањето и одлучувањето по предметот уставните судии оцениле и дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.
Следниот ден, одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, дали со одлуката на Уставниот суд Владата ќе го намали и бројот на советници во општините, премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница предложи следната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но тоа го услови со прифаќање една изборна единица, и тоа, како што кажа, веднаш.
Еден ден потоа тој го образложи ваквиот негов предлог и наведе дека тој дошол бидејќи некој сакал пописот кој е статистичка операција да го злоупотребува во политички цели.
Одговарајќи на прашањето, премиерот рече и дека треба да се види дали има основа за кривична одговорност поради користењето на методологијата на пописот во 2021 година.
Викендов и од коалицијата на партии на Албанците ВЛЕН, која е дел од власта, соопштија дека бараат кривична одговорност за сите оние што, без никаква правна основа, ја измислиле категоријата „нерезиденти“ пречекорувајќи ги своите надлежности и намерно исклучувајќи ја дијаспората од официјалните податоци.
Поддршка за предлогот на премиерот Мицкоски за електронски попис викендов стигна и од претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и актуелен градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Прашан дали укинувањето на Методологијата за попис на населението од Уставниот суд би имало импликации во однос на бројот на советници на локалните избори, Димитриевски рече дека на овие избори повторно ќе се избираат ист број советници како во моментов.
Од опозициската Демократска унија за интеграција, пак, реагираа дека власта се обидува да направи дигитален инженеринг со најавите за електронски попис идната година, а сето тоа со цел да „им се покаже местото на Албанците“.