Полициските служби употребиле снајпери во операцијата за неутрализирање на напаѓачот, а по неколкучасовната интервенција тим на единицата за Специјално оружје и тактика (SWAT) лоцирал починат маж во близина на местото каде што се случил нападот, пренесува Би-би-си
Двајца пожарникари од американската сојузна држава Ајдахо се застрелани и убиени, а трет е ранет откако маж намерно предизвикал пожар, а потоа почнал да пука кон противпожарните екипи кои први интервенирале на местото, јавуваат светските медиуми.

Инцидентот, кој локалните власти го опишуваат како заседа, траел неколку часа во кои полицијата употребила значителен број луѓе и ресурси за да го совладаат напаѓачот кој подоцна бил пронајден мртов.
Тој, според истрагата дејствувал сам и почнал да пука откако екипите за прв одговор интервенирале на пожарот на планината Канфилд, северно од градот Кер д’Ален во американската сојузна држава вчера попладне.
Полициските служби употребиле снајпери во операцијата за неутрализирање на напаѓачот, а по неколкучасовната интервенција тим на единицата за Специјално оружје и тактика (SWAT) лоцирал починат маж во близина на местото каде што се случил нападот, пренесува Би-би-си.
Сè започнало со пожар кој бил пријавен и зафатил површина од 20 хектари, соопшти на прес-конференција шерифот на округот Кутенај, Боб Норис.
„Веруваме дека осомничениот го започнал пожарот… Ова беше целосна заседа. Овие пожарникари немаа шанса. Изгубивме пожарникар од Кер д’Ален и загубивме пожарникар од противпожарната и спасувачка служба на округот Кутенај. Третиот се бори за живот, но е во стабилна состојба“,
изјави Норис на прес-конференцијата одржана доцна синоќа.
Како што информира тој, пожарникарите првиот повик за пожарот во планинскиот град го добиле околу 13:21 часот, според локално, односно 21:21 часот според средноевропско време, а извештаите дека некој почнал да пука врз нив стигнале околу 40 минути подоцна.
На местото интервенирале повеќе од 300 полицајци. На службите за спроведување на законот од градот и округот им се придружиле и полициски екипи на државата Ајдахо и тимови на федерално ниво. Во акцијата биле вклучени и два хеликоптери со снајперисти во нив.
Шерифот на округот соопшти дека напаѓачот користел спортска пушка со голема моќ од која истрелал бараж кон противпожарниот тим поради што полицијата првично не била сигурна за колку напаѓачи станува збор.
По полициската акција која траела околу седум часа, осомничениот бил пронајден преку лоцирање на неговиот мобилен телефон.
Според окружната полиција, засега не е јасно дали осомничениот се самоубил или бил застрелан во престрелката со полицијата, а овие детали треба да бидат утврдени во натамошната истрага за случајот.
Властите, исто така, не соопштија, повеќе детали за пронајденото оружје, не на исклучија можноста да бидат пронајдени повеќе парчиња оружје и муниција во текот денешниот ден откако пожарот ќе биде целосно изгаснат.
Засега не е познат ниту мотивот за пукањето, а полицијата не дала повеќе детали за осомничениот.
Не е соопштен ниту идентитетот на двајцата убиени пожарникари, како и на нивниот ранет колега.
За време на инцидентот до локалното население било издадено известување да останат во своите домови или да останат на нивните тековни локации додека трае вонредната состојба, кое било повлечено седум часа подоцна.
BREAKING: Multiple firefighters shot in apparent ambush while responding to brush fire in Coeur d’Alene, Idaho, local media reports; suspect at largepic.twitter.com/Yxu4Tz3POK
— Breaking911 (@Breaking911) June 29, 2025
Кер д’Ален е град со околу 55 000 жители во близина на границата со сојузната држава Вашингтон во северозападниот дел на Соединетите Американски Држави.
Планината Канфилд, која е оддалечена околу 420 километри источно од Сиетл, богата со дрвја, густи грмушки и испресечена со патеки е популарна кај планираните, пешаците и љубителите на планински велосипедизам и ја зафаќа периферијата на градот Кер д’Ален во Ајдахо.
Случајот предизвикал голем шок кај локалната заедница.
Линда Тајгер, жителка на Кер д’Ален, за Би-би-си изјавила дека е шокирана од пукањето.
„Вакво нешто никогаш не се случило овде“,
рекла 80-годишната жена која повеќе од 30 години живее во овој град.