Од 77 приведени лица, 35 се задржани во полиција, соопшти Дачиќ. Повредени се 48 полицајци, а 22 граѓани побарале лекарска помош по протестите во Белград
Србија победи, Србија не можете да ја победите со насилство, порача српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање кое следуваше по протестите во Белград што се одржааа вчера под слоганот „Се гледаме на Видовден“. Нема да потпишам никакво помилување или аболиција за прекин на кривично гонење на оние кои петстотини пати ги предупредивме да не учествуваат во насилство, кажа Вучиќ. Според него, инцидентите што се случија на протестите биле очекувани и точно се знаело времето кога ќе се случат.
„Седум месеци трае теророт од луѓе кои го земаа законот во свои раце и го фрлија под нозе. Синоќешната објава „имате зелено светло“ е директен повик на насилство и напад на полицијата. Го повикуваме Обвинителството да ја работи својата работа“,
кажа Вучиќ.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека синоќа по протестот во 21 часот и 40 миниути откако се повлекоа редарите, дел од демонстрантите почнале да ги напаѓаат полициските службеници. Во акцијата на полицијата повредени се 48 полицајци, од кои еден е со потешки повреди на главата. Според податоци од Ургентниот центар 22 граѓани побарале лекарска помош, од кои двајца се со тешки телесни повреди.
„Приведени се 77 лица, меѓу нив има и едно малолетно лице. Задржани се 38 лица, против 35 лица ќе бидат поднесени кривични пријави, а против 26 лица ќе биде поднесено барање за прекршочна постапка“,
рече Дачиќ.
Вчера во Белград се одржа масовен собир на плоштадот „Славија“ под слоганот „Се гледаме на Видовден“. Собирот почна околу 18 часот, а во 21 часот студентите во блокада го прогласија протестот за завршен откако истече ултиматумот што ѝ го испорачаа на власта за распишување вонредни избори.
Инцидентите се случија по завршувањето на протестот откако дел од демонстрантите се судрија со полицијата и гаѓаа со камења и шишиња, додека полицискиот кордон ги потиснуваше да се повлечат и со солзавци ја ратсеруваше толпата.