Од СДСМ бараат ДКСК и Обвинителството да отворат предмет по допрен глас
Нов скандал во МВР, нов случај на сомнителен, коруптивен тендер којшто отвора сериозни прашања за злоупотреба на институциите за бизнис интереси и испумпување на парите на граѓаните, велат од СДСМ за тендерот што го доби битолската фирма „Супер возач“ за возачки испити во Пелагонискиот регион. Според СДСМ скандалозно е што фирмата е регистрирана три месеци пред тендерот, што отвора сомнеж дека „зделката“ уште претходно била договорена.
„Зад оваа фирма стои функционер на ВМРО-ДПМНЕ и советник во советот на Општина Кичево, Филип Митрески. Преку фирмата „Стрит рајд“ којашто е сопственик на „Супер возач“. Во пракса, ова значи дека МВР доделила монопол од 5 години врз доходовен бизнис вреден милиони денари – сите полагања на возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен ќе одат преку оваа фирма блиска до власта. Скандалот е уште поголем, затоа што фирмата е регистрирана само три месеци пред распишувањето на тендерот за прв пат. Прашањето е дали однапред е договорена оваа милионска зделка? Како знаел дека за неколку месеци ќе се распише тендер па функционерот од ВМРО-ДПМНЕ отворил фирма токму за ова намена?
кажа потпретседателката на СДСМ Каја Шукова.

Според Шукова, по скандалозниот тендер за униформите, ова е уште еден случај на сомнителен коруптивен тендер во МВР. Од СДСМ бараат ДКСК и Обвинителството да отворат предмет по допрен глас.
„Основани се сомневањата дека МВР спроведува корупција во живо, наместо да се бори против криминалот и корупцијата. Ова е моделот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Партиски и лични бизнис интереси врз грбот на народот.вОва е огромен скандал кој мора да биде расчистен до крај и да има одговорност. СДСМ бара Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да постапи. Основното јавно обвинителство да отвори предмет по допрен глас“,
додаде Шукова.
Како што претходно објави „360 степени“, битолската фирма каде следните пет години ќе полагаат возачки испити жителите од Пелагонискиот регион е регистрирана во август 2024 година и е во сопственост на кичевска фирма регистрирана само неколку дена претходно. Газда на кичевската фирма и управител на битолската е советникот во Општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Митрески. Тој за „360 степени“ ввели дека партиската припадност не била пресудна за да го добие бизнисот. Инаку, фирмите ги регистрирал околу четири месеци пред МВР да го распише огласот за испитен центар.