Откако студентите во блокада околу 21 часот прогласија дека собирот е завршен, дел од демонстрантите кои останаа пред полицискиот кордон почнаа да фрлаат камења, петарди и шишиња. Дел од медиумите пренесуваат дека има повредени, а полицијата веќе има и приведено демонстранти
Тензична е атмосферта во центарот на Белград по протестот под слоганот „Се гледаме на Видовден“ кој се одржа на плоштадот Славија. Откако студентите во блокада околу 21 часот прогласија дека собирот е завршен, дел од демонстрантите кои останаа пред полицискиот кордон почнаа да фрлаат камења, петарди и шишиња. Како што пренесува Н1, полицијата од неколку страни ги потиснува граѓаните да се повлечат, а беа употребени и солзавци за растерување на толпата.

Дел од медиумите пренесуваат дека има повредени, а полицијата веќе има и приведено демонстранти.
„Остро ги осудувам бруталните напади од страна на учесниците на непријавениот митинг во Славија врз припадниците на полицијата. Полицијата ќе преземе сите мерки за воспоставување на јавниот ред и мир, ќе ги одбие сите напади и ќе ги примени сите овластувања за одбивање на нападите, како и ќе ги уапси сите оние кои ја нападнаа полицијата“,
порача министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Студентите во блокада претходно на социјалните мрежи објавија дека ултиматумот што го поставија до Владата на Србија истече во 21:00 часот.
Во говорите кои се одржаа на плоштадот Славија, тие порчаа дека „како што тивката вода рони брег, така и ненасилната борба носи трајна и длабока промена во општеството“. Студентите и професорите кои се обратија пред насобраните граѓани порачаа дека се тука за да го потврдат единството во одбраната на основните демократски и универзитетски вредности.
Ултиматумот до Владата на Србија беше да распише вонредни парламентарни избори и да го прекине собирот што се одржува веќе неколку месеци во Пионирскиот парк и пред Народното собрание за продолжување на универзитетската година.