На прашањето дали укинувањето на Методологијата за попис на населението од Уставниот суд би имало импликации во однос на бројот на советници на локалните избори, смета дека на овие избори повторно ќе се избираат ист број советници како што се и во моментов
Претседателот на Движењето ЗНАМ –За наша Македонија и актуелен градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска изјави дека го поддржува предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за електронски попис на населението.

Според него, секое евидентирање податоци е корисно не само за граѓаните, туку првенствено за државата, со цел да градат долгорочни стратегии за развој на државата.
„Ја поздравуваме идејата на премиерот за електронски попис. Го чекаме тој материјал да дојде до нас и потоа ќе се произнесеме. Добро е секогаш да знаеме што имаме, кого имаме и со што располагаме во државата и врз база на тоа да креираме планови за поголем развој на државата“,
рече тој пред почетокот на панел-дискусијата „Посветеност – отчетност – резултат“ по поовд одбележувањето една година учество на Движењето ЗНАМ во Владата.
На прашањето дали укинувањето на Методологијата за попис на населението од Уставниот суд би имало импликации во однос на бројот на советници на локалните избори, смета дека на овие избори повторно ќе се избираат ист број советници како во моментов.
„Општина Куманово како најголема во државата има вкупно 33 члена на Советот. Со новото решение би имало 31. Дали ќе се успее да се донесе тој закон до изборите или не, не знам. Тоа ќе зависи од парламентот, нивната работа, парламентарното мнозинство и процедурата за носење на законот и како тоа ќе помине низ фази. Но, претпоставувам дека на овие избори повторно ќе избираме ист број на советници како што се во моментов. Дополнително, треба да се доработи овој закон и да се пушти во процедура, а реално и соодветно граѓаните да бидат претставени во општинските совети“,
кажа тој.
За вработувањата во јавната администрација, според Димитриевски предност треба да се дава на квалитетот, а не на политичкиот и партискиот квантитет.
„Нашиот став во однос на вработувањата во јавната администрација е дека како ЗНАМ никогаш не се водиме по етничка или партиска припадност, туку врз база на квалитет, оспособеност на кандидатот. Партизацијата и политизацијата на државниот систем изминатите 30 години нè доведе на ова дереџе. Конечно е дојдено времето да извлечеме заклучок дека треба да дадеме предност на квалитетот во однос на политичкиот и партискиот квантитет“,
рече лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена предложи следната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но тоа го услови со прифаќање една изборна единица, и тоа, како што кажа, веднаш.
Ден потоа, одговарајќи на новинарско прашање, премиерот изјави дека треба да се види дали има основа за кривична одговорност поради користењето на Методологијата на пописот во 2021 година.
Уставниот суд донесе одлука за укинување на делови од Методологијата за попис на населението кои се однесуваа на категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ население.