„Денеска на средбите во Берлин ќе ги бранам позициите на Македонија. СДСМ од почетокот силно лобира и се бори амандманот за јазикот и идентитетот да не бидат дел од Извештајот, а во следните две недели ќе дадеме максимални напори да го повториме успехот од претходните години кога ваквите обиди успешно ги сопревме“, кажа лидерот на опозицијата
Една од поважните теми на која ќе се осврне лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, при неговата денешна посета на Берлин, Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), е Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на државата и предложениот амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава придавката „модерен”.
Филипче на предвидените билатерални средби со претставници на социјалдемократските партии во Европа ќе го пренесе ставот на неговата партија по ова прашање.
Клучната средба е со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финасии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и копретседател на СПД, сестринската партија на СДСМ од Германија.
„Една од поважните теми е Извештајот на ЕП за Македонија. СДСМ во минатото со мудра дипломатија успеа да ги отфрли сите обиди за какви било одредници на идентитетот и јазикот во преговорите и извештаите. СДСМ обезбеди македонскиот јазик и идентитет во ЕУ да бидат чисти, признати и без никакви додавки. Од нашите црвени линии никогаш не отстапивме. Но, по само една година од власта на ВМРо-ДПМНЕ, оваа позиција е нарушена“,
вели лидерот на опозицијата.
Според него, не смее да се дозволи носење извештај во кој јазикот ќе биде со додавка „современ“, како и дека јазикот и идентитетот не биле и никогаш не смеат да бидат предмет на допрецизирање, оти тие се јасно дефинирани во сите документи на Европската Унија.
Лидерот на опозицијата вели дека македонскиот јазик е веќе еден од јазиците на Унијата, чист, без додавки и тоа мора да остане така.
„Денеска на средбите во Берлин ќе ги бранам позициите на Македонија. СДСМ од почетокот силно лобира и се бори амандманот за јазикот и идентитетот да не бидат дел од Извештајот, а во следните две недели ќе дадеме максимални напори да го повториме успехот од претходните години кога ваквите обиди успешно ги сопревме“,
рече тој.
Посочи дека иако партијата на власт се претставува како заштитник на идентитетските прашања, тоа на дело не го покажува.





На ВМРО-ДПМНЕ му порача дека се целосно отворени и подготвени за соработка, со цел да ги обединат силите и конечно заеднички да укажат кои се црвените линии за Македонија.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на 24 јуни го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Пред гласањето, германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници.