В понеделник на 30 јуни ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и еврокомесарката Марта Кос, по што ќе има и билатерална средба со проширени делегации
На 30 јуни и на 1 јули во Скопје ќе се одржи лидерска средба ЕУ-Западен Балкан, посветена на Планот за раст, на која ќе присуствува и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

В понеделник на 30 јуни ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и еврокомесарката Марта Кос, по што ќе има и билатерална средба со проширени делегации.
Во вторник ќе се одржат два панела, од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан, каде ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката Кос, по што ќе следи и нивна заедничка прес-конференција.
Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст. На него ќе учествуваат министри, претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни партнери.
Европската комисија вчера соопшти дека еврокомесарката за проширување Марта Кос доаѓа во Скопје на средба со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст.
Покрај македонскиот премиер Христијан Мицкоски, на средбата со Кос ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
Според Европската комисија, тоа ќе биде можност да се разговара за соработка меѓу земјите во области како што се заштитата на потрошувачите, туризмот и единствениот регионален пазар, со цел унапредување на економската интеграција на Западниот Балкан во единствениот пазар на ЕУ.