Студентите во блокада веќе најавија дека доколку барањата не бидат исполнети до 28 јуни во 21 часот, очекуваат дека граѓаните ќе бидат подготвени да ги преземат сите постојни мерки на граѓанска непослушност
Студентите во блокадата денеска, на Видовден, ќе одржат протест во центарот на Белград. Како што најавија, собирот со слоган „Се гледаме на Видовден“ е планиран за 18 часот на плоштадот „Славија“.

Овој протест е планиран откако студентите упатија барање од актуелната влада да распише вонредни парламентарни избори до Видовден, 28 јуни. Тоа е нивното прво барање.
Второто барање е прекинување на митингот во Пионирскиот парк во центарот на Белград, каде што студенти кампуваат во последните три месеци, барајќи продолжување на универзитетската година.
Студентите во блокада најавија и доколку барањата не бидат исполнети до 28 јуни во 21 часот, очекуваат дека граѓаните ќе бидат подготвени да ги преземат сите постојни мерки на граѓанска непослушност.
По повод овој собир, Вишото јавно обвинителство во Белград апелираше до учесниците и другите граѓани да се воздржат од каква било форма на насилство, да ги почитуваат прописите за јавен ред и мир и да го остварат своето право на мирно собирање во согласност со Уставот и законите на Република Србија.
„Имајќи предвид дека во претходните денови беа откриени подготовки за организирани упади во државните институции, нивна блокада, како и други форми на планирано насилство, ВЈТ во Белград потсетува дека кршењето на одредбите од Законот за јавен ред и мир подразбира прекршочна одговорност, а во случај на извршување кривично дело на јавен собир, кривична одговорност“,
соопштија од оваа институција.
И директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ, рече дека полицијата нема да толерира, ниту да дозволи каква било форма на насилство и упад во институциите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека државата ќе интервенира само ако е принудена и дека ќе направи сѐ што е во нејзина моќ никој да не биде повреден.
Инаку, пред почетокот на денешниот протест во Белград, многу факултети во блокада најавија протести во неколку делови од градот веќе од 15 часот.
Во Србија денеска се одбележува празникот Видовден. Така, во палатата „Србија“ утрово Вучиќ ќе додели награди на заслужени поединци и институции.
Српската влада ќе одржи свечен состанок во Градското собрание во Крушевац во 11 часот, додека во 12 часот ќе се одржи државна церемонија.