Од ДУИ потенцираат дека овој потег, кој веќе е поништен како незаконит, не претставува само техничка или административна грешка, туку го сметаат за „тежок политички акт со цел систематско намалување на застапеноста на Албанците, занемарувајќи го придонесот, присуството и правата на дијаспората“

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со реакција, осудувајќи ги, како што ги нарекуваат, најновите обиди за делегитимирање на процесот на пописот на населението од 2021 година. Партијата нагласува дека овој попис, за првпат по 2002 година, ја прикажа застапеноста на Албанците во државата на 29,5 отсто, во споредба со 25,17 проценти во 2002 година.
ДУИ ги толкува обвинувањата за незаконитост како намерен обид да се прикрие, според нив, „срамната, неправедна и антиуставна одлука на оваа влада“. Партијата тврди дека актуелната влада, без политички легитимитет од Албанците, ја намалила процентуалната застапеност на Албанците на 24,3 отсто со исклучување на дијаспората од официјалните пресметки.
Според ДУИ, оваа одлука ги прикажала Албанците со помал удел дури и од оној во 2002 година.
Од ДУИ потенцираат дека овој потег, кој веќе е поништен како незаконит, не претставува само техничка или административна грешка, туку го сметаат за „тежок политички акт со цел систематско намалување на застапеноста на Албанците, занемарувајќи го придонесот, присуството и правата на дијаспората“.
Партијата потсетува дека оние кои денес зборуваат за пописот од 2021 година, се истите политички субјекти кои во 2024 година гласале и го легализирале исклучувањето на над 300 илјади Албанци кои живеат надвор од државата. ДУИ истакнува дека од 29,5 отсто застапеност, со „политички и дискриминаторски одлуки“, процентот бил намален на 24,3 проценти – што е, како што велат, дури помалку и од резултатот на пописот од 2002 година.
„Доколку некој денес треба да сноси одговорност за манипулациите, тогаш тоа се функционерите на оваа влада и нивните албански соработници кои ги изгласаа и спроведоа одлуките што ги оштетуваат Албанците на директен и долгорочен начин“,
се наведува во реакцијата на ДУИ.
Од Демократската унија за интеграција велат дека уште еднаш нагласуваат оти нема да дозволат Албанците да бидат третирани како „невидливи граѓани“ во сопствената држава и најавуваат дека ќе ги искористат сите демократски, правни и политички механизми за заштита на, како што велат, „демографската реалност и правото на правична и соодветна застапеност“.
За потсетување, Уставниот суд вчера соопшти дека на седницата одржана ден претходно оцениле дека категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ населени од Методологијата за пописот од 2021 година не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.
А, одлуката на Уставниот суд за укинување на делови од Методологијата за попис на населението кои се однесуваа на категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ население отвори дебата во јавноста.
Одлуката на Уставниот суд вчера беше тема и на собраниската седница посветена на пратенички прашања. На неа премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари го изложи предлогот за спроведување вонреден електронски попис догодина.
Денеска одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски изјави дека треба да се види дали има основа за кривична одговорност поради користењето на ваквата методологија на пописот во 2021 година.
Денеска и вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи на прес-конференција рече дека одлуката на Уставниот суд била очекувана и наведе дека пописот од 2021 година бил неуставен и незаконски, поради што треба да се бара одговорност.