„Она што го прави Софија во последниот период, оној експлицитен обид од кој стравуваме и со сите наши сили се спротивставуваме за редефинирање на нашиот идентитет е ретрограден, не му користи на регионот и на народите на двете земји, кои за жал поради таквиот однос се сè повеќе оддалечени едни од други“, изјави денеска шефот на македонската дипломатија на прес-конференцијата на која даде отчет за сработеното во изминатата година
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја повика Бугарија да се однесува рационално и да не биде заглавена во ретроградни наративи кои, како што вели, одредени кругови во Софија ги граделе по однос на македонското прашање историски наназад.

Шефот на дипломатијата ова го кажа на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во изминатата година. Одговарајќи на новинарски прашања поврзани со актуелните теми за извештајот во Европскиот парламент и реакциите од Бугарија, Муцунски оцени дека Софија е велезена во многу опасен наратив, кој е спротивен на стратешките интереси и на Европската Унија и на НАТО, а кој, како што кажа, им одговара на трети страни кои сакаат нестабилност во регионот.
„Она што го прави Софија во последниот период, оној експлицитен обид од кој стравуваме и со сите наши сили се спротивставуваме за редефинирање на нашиот идентитет е ретрограден, не му користи на регионот и на народите на двете земи, кои за жал поради таквиот однос се сè повеќе оддалечени едни од други“,
кажа шефот на дипломатијата.
Прашан за коментар на изјавата на бугарскиот премиер Росен Жељазков, кој на средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се пожалил на говор на омраза од страна на македонските власти, Муцунски рече дека во ниту една изјава на високите претставници на земјав не видел такво нешто.
Надоврзувајќи се на темата, Муцунски кажа дека доколку некој ја смета нашата потреба за афирмација на македонскиот јазик и идентитет како говор на омраза, тогаш проблемот е поголем од она што мислиме дека го имаме како проблем.
„Никаде во официјални изјави на високи претставници на нашата држава, да го затворам кругот на тројцата кои ја креираме и спроведуваме надворешната политика на државата – претседателката, претседателот на Владата и јас како министер, не сум видел ниедна изјава со било каков говор на омраза, а детално ги следам сите“,
рече шефот на дипломатијата.
Според Муцунски, огромно мнозинство земји во Европската Унија имаат силно разбирање за, како што кажа, длабоките фрустрации на македонскиот народ и македонската држава во однос на нашиот евроинтегративен пат, како и свест дека она што ѝ се случува на нашата држава не придонесува за легитимитетот на полтиката на проширување, која историски гледано знаела да биде најтрансформативната политика.
Нашата држава, додаде, како земја со статус кандидат, прави сѐ што може да развие еден реален дискурс во рамките на сите европски институции за создавање свест за она што ѝ се правело на оваа држава повеќе од 30 години, но, како што наведе, и свест за контекстот за тоа што ѝ се прави сега во ова турбулентно време.
„Ние сакаме пат напред кон ЕУ. Да дискутираме за компромис, но сакаме да дискутираме и за предвидливост односно гаранции по хипотетичко согласување за некој компртомис. Затоа велиме, имаме неколку многу јасни црвени линии од кои нема да отстапиме. Тие се поврзани примарно со јазикот, со идентитетските обележја, вклучувајќи ја тука потребата од афирмација на нашето културолошко и историско минато, академска слобода за секоја дискусија по тоа прашање, и секако да не дозволиме и да се игнорира фактичката состојба, односно очигледните прекршувања кои нашиот сосед Бугарија ги прави во почитување на принципите кои произлегуваат од меѓународното јавно право, а за кои тие имаат обрска да ги имплементираат“,
рече Муцунски.
Тука, како што појасни, мисли на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур бидејќи, според него, не може да се игнорираат фактите и реалноста која ја имаме.

Не може, рече Муцунски, наш сосед да ја користи како алатка позицијата како земја членка на ЕУ за редефинирање на нашиот национален идентитет.
„Срамота е тоа да се прави во 21. век. Затоа повикуваме на рационалност и свест за одговорноста за која сите заедно ја имаме кон нашиот регион и нашиот континент“,
рече министерот.
Тој смета дека изгласувањето Извештајот за Македонија во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) е историски момент, но не и момент за триумф, како и дека не се знае каков ќе биде извештајот што ќе биде усвоен на пленараната седница на Европскиот парламент што треба да се одржи од 7 до 10 јули.
„Ние не сме земја членка на ЕУ. Како што не сме претставени во извршниот дел на ЕУ, тука мислам извршни надлежности помеѓу Советот и Комисијата, така и во законодавниот дел. Знаеме добро, немаме европратеници внатре. Но, истовремено факт е дека имаме комуникација со многу наши пријатели, пријатели на регионот, пријатели на Европа, бидејќи секој којшто сака успех на нашиот пат кон полноправно членство е на крајот на денот пријател на Европа. Тоа е процес којшто е значен за нас, и за самата ЕУ за затворање на тој вакум којшто постои од гледна точка на Западен Балкан. Ние со нашиот ангажман како Влада, премиерот, претседателката, јас како министер, и други наши колеги, ќе направиме сè што можеме да упатиме на разум и свест во рамките на европските институции“,
рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Во таа насока, тој наведе дека повикуваме, посакуваме и сакаме да веруваме дека Европскиот парламент ќе дејствува во рамките на европските вредности кои, како што кажа, се главната причина поради која земјава сака да стане членка на Европската Унија.
На овие теми шефот на дипломатијата говореше и во интервју за „360 степени“, емитувано вчера, а кое го даде на маргините на Самитот на НАТО во Хаг. Во него тој, меѓудругото кажа дека не очекува по локалните избори да има промена во државните позиции на земјава во однос на уставните измени.
По Извештајот за Северна Македонија, кој во Комитетот за надворешни работи помина со неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет, известувачот за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, за „360 степени“ порача дека следните чекори треба да ги направи Северна Македонија, односно да ги донесе уставните измени. Муцунски вели дека актуелната власт е внимателна во донесувањето одлуки кои би можеле да имаат далекусежни последици. Дополнително, вели тој, за нас како држава клучно е патот кон полноправно членство да биде предвидлив.