Иако со договорот се покажува потенцијален напредок по месеци на трговска несигурност и прекини, сепак се нагласува и долгиот пат што претстои кон конечен, дефинитивен трговски договор меѓу двата економски соперници
Соединетите Американски Држави постигнаа договор со Кина за забрзување на испораките на ретки земни метали во САД, изјавија официјални претставници на Белата куќа, во услови на напори за ставање крај на трговската војна меѓу најголемите економии во светот, пренесува „Гардијан“.

Претходно, претседателот Доналд Трамп изјави дека САД потпишале договор со Кина в среда, без да даде дополнителни детали, но и дека може да се постигне посебен договор што ќе значи „отворање” на Индија.
За време на разговорите во Женева во мај, Кина вети дека ќе ги отстрани нетарифните контрамерки наметнати на САД од 2 април, иако не е јасно како тоа ќе го стори.
Како дел од својата одмаздничка политика против новите американски царини, Кина го суспендира извозот на широк спектар на критични минерали и магнети, со што ги наруши синџирите на снабдување што се клучни за автомобилската, полупроводничката, воздухопловната и воената индустрија низ целиот свет.
„Американската администрација и Кина се согласија за дополнителен рамковен договор за спроведување на Женевскиот договор. Договорот е за тоа како повторно да се забрзаат испораките на ретки земни метали во САД“,
изјавија од Белата куќа за Ројтерс.
Друг функционер на администрацијата изјави дека договорот меѓу САД и Кина е постигнат претходно оваа недела.
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник за Блумберг изјави:
„Тие ќе ни испорачаат ретки земни метали и откако ќе го сторат тоа, ние ќе ги отстраниме нашите контрамерки“.
Кинеската амбасада во Вашингтон не даде коментар по ова прашање.
Иако со договорот се покажува потенцијален напредок по месеци на трговска несигурност и прекини, сепак се нагласува и долгиот пат што претстои кон конечен, дефинитивен трговски договор меѓу двата економски соперници.
На почетокот на јуни, Ројтерс објави дека Кина доделила привремени извозни лиценци на добавувачи на ретки земни минерали од трите најголеми американски производители на автомобили.
Подоцна во текот на месецот, Трамп рече дека има договор со Кина во кој Пекинг ќе снабдува магнети и минерали од ретки земни минерали, додека САД ќе им дозволат на кинеските студенти да студираат на своите колеџи и универзитети.