Како што може е може да се види на веб-страницата на Собранието, интерпелацијата на претседателот на Уставниот суд е прва точка на дневен ред на 59. седница на законодавниот дом
За интерпелацијата за работата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски што на 4 јуни ја поднесе пратеничката група на опозициската коалиција „Европски фронт“ ќе се расправа во рамки на 59. собраниска седница закажана на 9 јули.

Како што може е може да се види на веб-страницата на Собранието, интерпелацијата на претседателот на Уставниот суд е прва точка на дневен ред на седницата чиј почетокот е закажан во 11 часот.
Илир Хасани, пратеникот од редовите на ДУИ, која го предводи „Европскиот фронт“, на прес-конференцијата што ја одржа на 4 јуни образложи дека интерпелацијата е поднесена за работата на Костадиновски врз основа на член 72, став 1 и став 2 од Уставот. Според Хасани, Костадиновски свесно го прекршил Законот за употреба на јазиците и членот 101 од Актот на Уставниот суд.
„Сакам да нагласам дека оваа иницијатива нема за цел да изврши притисок врз Уставниот суд за разлика од другите претходни интерпелации кои беа јасно од политичка природа, туку има социјална и медиумско влијание. Нашата цел е да поведеме институционална дебата за фукционирањето на оваа институција и улогата на нејзиниот претседател во почитување на Уставот и постоечките закони“,
рече Хасани.
Образложувајќи ги причините за интерпелацијата, пратеникот на ДУИ спомена интервју на Костадиновски од август 2024 година, во која оценува дека Законот за употреба на јазиците предизвикал политички хаос, а наведе и дека претседателот на Уставен имал навредливи изјави за самиот Закон за употреба на јазиците.
„Оваа изјава покренува неколку прашања: Врз основа на кој член од Уставот или кокретен закон претседателот на Уставен суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседател на Уставен суд да утврди проблеми во спроведување на законот и да предвиди законодавна интервенција. Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и создава серија сомнежи за непристараноста на претседателот на Судот во случаи што се уште се во фаза за разгледување“,
кажа Хасани.
Во реакцијата од Уставниот суд тогаш преку соопштение посочија дека Костадиновски нема да коментира било какви политички изјави. Дополнително оттаму наведоа и дека институтот интерпелација во ниеден случај не се однесува и не може да се примени на уставните судии бидејќи во спротивно се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот бидејќи на тој начин се прави упад во самостојноста и во независноста на Уставниот суд.
„Уставниот на Република Северна Македонија не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната ниту од страна на извршната власт. Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста не подлежи на начелото на поделба на власта . Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки, акти и дејствија. Самостојноста и независноста на Уставниот суд и уставните судии имаат најсилна уставна гаранција. Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии . Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на судиите“,
наведоа тогаш од Уставниот суд.