Дурмиши рече и дека додека да се донесат новите мерки што ќе дадат долгорочни резултати не е исклучена можноста повторно да има замрзнување на цени и маржи доколку извештајот на Државниот пазарен инспекторат, кој треба да биде доставен после 30 јуни, покаже дека има девијантно однесување од маркетите и енормно зголемување на цените

За намалување на цените на основните прехранбени производи се подготвуваат мерки кои треба да дадат долгорочни или среднорочни резултати. Една од нив, како што вели министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, е во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и која подразбира поддршка на земјоделците и домашните производители, а со тоа и намалување на цените бидејќи производите ќе бидат домашни.
„Ние увезуваме 70-80 отсто од производите, а имаме капацитети и можности и треба да се фокусираме да ги поддржиме нашите производители и земјоделци и индиректно ќе дејствуваме за намалување на цените“,
рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која информираше за сработеното во неговиот ресор изминатата година.
На дополнително прашање во која насока би одело тоа поддржување на земјоделците со оглед на тоа дека тие добиваат многу субвенции за секој производ меѓутоа зголемување на домашно производство и евтини цени на тие производи нема, Дурмиши рече дека еден предлог е за обележување на домашните производите во маркетите.
„Во рамки на Министерството за економија и труд, во нашиот домен ќе додадеме предлог за сите трговци и маркети да ги обележуваат производите кои се домашни, а кои се увозни за граѓаните да знаат“,
одговори тој.
Дурмиши рече и дека додека да се донесат новите мерки што ќе дадат долгорочни резултати, не е исклучена можноста повторно да има замрзнување на цени и маржи доколку извештајот на Државниот пазарен инспекторат, што треба да биде доставен после 30 јуни, покаже дека има девијантно однесување од маркетите и енормно зголемување на цените.
„Чекаме после 30 јуни ДПИ да ни достави уште едно известување врз основа на контролите што ги направија на терен. Ако имаме девијантно однесување од страна на трговците, додека да ги реализираме другите мерки, ќе одиме со краткорочните решенија оти знаеме дека тие ги дадоа своите резултати во март и април“,
најави Дурмиши.
Во однос на потрошувачката кошничка, која веќе долго време се чека да биде изработена од Владата и за тоа кога таа ќе биде објавена, Дурмиши рече дека сака час поскоро таа постапка да заврши и најави дека пребројувањето на членовите од Економско-социјалниот совет (ЕСС) од синдикатите веќе е завршено и дека ќе треба на тие членови да има се дадат решенијата по што веднаш ќе биде свикана седницата на ЕСС.
На првата седница, додаде Дурмиши, ќе биде потрошувачката кошничка за да видиме дали ќе биде прифатена од сите страни и ќе ја објавиме.
Тој вели дека потрошувачката кошничка е многу добро изготвена, а податоците што ќе ги дава секој месец ќе бидат земени од релевантните институции.
Според него, таа што ја предложиле синдикатите, содржи производи кои не спаѓаат во основни или кои не се трошат во одредени периоди од годината.
„Таа што ја објавуваат синдикатите не е реална и соодветна кошница и бројките не се точни и затоа правиме нова, со реални податоци колку му треба на четиричлено семејство да троши на месец за храна, пијалаци и други потреби“,
рече Дурмиши.
Додаде дека синдикатите земаат цени само еден од маркет, а кошницата што се подготвува ќе ги земе предвид цените од три до пет маркети и ќе биде земена просечната.