Од ДУИ тврдат дека законот е изготвен врз интересите и идеите на Каракамишева, а не врз реалните потреби на дискриминираните граѓани и дека е усвоен само за да се испрати до Венецијанската комисија, заобиколувајќи ја внатрешната јавна дебата

Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува сериозна загриженост по усвојувањето на предлог-законот за правична и соодветна застапеност од страна на Владата, нарекувајќи го закон што „суштински не нуди решение, туку манипулира, продлабочувајќи ги нееднаквостите во застапеноста и избегнувајќи ги уставните обврски“.
Како најсилен аларм за неуспешноста на предлог-законот, од ДУИ го посочуваат јавното дистанцирање на проф. д-р Мерсим Максути, албански член на работната група. Максути во своето издвоено мислење го оценил предлог-законот како „скандалозен, неприменлив и противуставен“. Тој го осудува отсуството на квоти за помалку застапените заедници, слабите механизми за имплементација и потпирањето на политичка волја наместо на законски обврски.
Според ДУИ, предложениот закон не гарантира никакви квоти за застапеност на етничките заедници, туку го релативизира колективното право на застапеност преку нејасни и исклучувачки критериуми како „професионалност“ и „компетентност“, исто како пред 2001 година.
Партијата исто така смета дека предложеното Координативно тело е „фарса“, без јасно дефинирано политичко водство и без реални овластувања да бара одговорност од институциите. Од ДУИ тврдат дека законот е изготвен врз интересите и идеите на Каракамишева, а не врз реалните потреби на дискриминираните граѓани и дека е усвоен само за да се испрати до Венецијанската комисија, заобиколувајќи ја внатрешната јавна дебата.
„Недостигот на санкции и правна одговорност го прави овој закон пропаганден документ, без обврзувачка сила и без реално влијание врз подобрување на застапеноста“,
истакнуваат од ДУИ.
Тие додаваат дека референцата на одлуката на Уставниот суд е злоупотребена за да се оправда избегнувањето на квотите, иако, велат оттаму, Уставот, преку амандманот VI, јасно го гарантира правото на правична и соодветна застапеност како колективно право кое не може да се релативизира со слаб закон.
ДУИ заклучува дека јавното отфрлање на овој закон од страна на проф. Максути е јасен показател дека ова не е закон на сите граѓани на РСМ, туку централизирана алатка дизајнирана за да ја заштити дискриминаторната статус кво состојба.
Од партијата велат дека остануваат посветени на Охридскиот договор, Уставот на државата и правото на секој граѓанин за правична и соодветна застапеност во јавните институции, нагласувајќи дека за нив, застапеноста не е политичка опција, туку уставна и морална обврска.
Предлог-законот за соодветна и правична застапеност беше усвоен на владина седница во вторникот. Предлог-законот сега ќе биде испратен до Венецијанската комисија од каде ќе се чека мислење, а потоа ќе влезе во собраниска процедура.
Вчера и Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците (АА) која е дел од коалицијата „Европски фронт“ рече дека нема да го поддржат предлог-законот бидејќи, како што рече, со законот се регулира само злоупотребата што му се правеше на „балансерот“.