Премиерот истакна дека како влада имаат одговорност да го заштитат македонскиот идентитет и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да го прави тоа
Две мерки за самовработување најави вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоcки, на трибина во Прилеп, каде што даде отчет пред граѓаните за сработеното во изминатата година. Тој оцени дека состојбата во државата е конечно стабилизирана и оти сега може да се зборува за економски раст.

„Во првата мерка за поддршка за самовработување, предвидуваме 7 000 евра по лице, за самовработување на младо лице до 29 години предвидуваме неповратна поддршка од 10 000 евра, додека за здружување на корисници до две лица да основаат бизнис, висината на финансиска поддршка изнесува од 14 000 до 20 000 евра, при што 20 000 евра се однесува на содружници кои се до 29 години. Со втората мерка се предвидува да се опфатат 1 720 лица, каде при вработување на млади лица предвидена е највисока сума во износ од 250 000 денари“,
рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека како влада имаат одговорност да го заштитат македонскиот идентитет и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да го прави тоа.
„Кога ќе погледнам во очите на луѓето кои секојдневно ги среќавам, знам дека морам да направам сè што можам за да имаат подобар живот. Така и ја гледам Македонија – со љубов и одговорност. За тебе, за твоето семејство, за иднината што ја градиме заедно, за надежите кои не смеат да се изневерат“,
рече Мицкоски.
Тој зборуваше и за достигнувањата на Владата во изминатата година.
„Од последни во Европа по странски инвестиции, до први во Европа со 1 милијарда и 255 милиони евра, што е најдобар резултат од независноста до денес. Од двоцифрена инфлација до ниска 2,7 проценти за месец март. Порано растеа само платите на функционерите, а денес растат платите на работниците од 9 до 10 проценти на годишно ниво. Од индустриското производство кое беше минус 2, до раст на индустриско производство за март од 5,2. Од автопат Кичево – Охрид кој стагнираше и беше најважно подизведувачите да се од кичевски Зајас или Струмичко, до автопат кој се гради и кој за една година ќе биде готов. Од купување на трговски центри, Соравии, до работа на експресен пат за Прилеп и автопат за Битола. Затоа што нема повеќе тендери во четири очи и денес има одговорност“,
рече Мицкоски.
На трибината во Прилеп зборуваа и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, директоркат на УЈП, Елена Петрова, и пратеникот Бојан Стојановски.