Според Ердоган, невозможно е да се зголеми ефикасноста на НАТО само со зголемување на трошоците за одбрана

Одлуката на НАТО дека нејзините членки во иднина ќе издвојуваат пет проценти од својот БДП за одбрана е неопходна поради ситуацијата во која секојдневно се појавуваат нови кризи, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Нашите трошоци за одбрана веќе го надминуваат нивото од 2 проценти, што беше целта на претходните самити. Благодарение на ресурсите што ги издвојуваме за иновации и нашите меѓународни напори, ние сме една од земјите најблиску до постигнување пет проценти“,
рече Ердоган,пренесе агенцијата Анадолија.
Според Ердоган, невозможно е да се зголеми ефикасноста на НАТО само со зголемување на трошоците за одбрана.
Членките на НАТО на Самитот во Хаг се обврзаа да инвестираат пет отсто од БДП за одбраната до 2035 година.
Според договореното, од средствата во висина од пет отсто од БДП, најмалку 3,5 отсто годишно ќе бидат наменети за расходи за одбрана на НАТО, за потребите за основни одбранбени ресурси и за исполнување на Целите за способностите на Алијансата. Останатите 1,5 отсто од БДП годишно ќе бидат наменети за заштита на критичната инфраструктура, обезбедување граѓанска подготвеност и отпорност, иновации и за зајакнување на одбранбената индустриска база.