Министерството за економија и труд нагласува дека ќе продолжи да ги следи и координира активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и останатите релевантни институции

Министерството за економија и труд ги повикува сите работодавци, и во јавниот и во приватниот сектор, доследно да ги применуваат мерките во услови на екстремни топлотни бранови.
Оттаму додаваат дека активно ги координираат и имплементираат препораките за заштита на работниците во летниот период, согласно усвоениот Акциски план за превенција на последиците од топлотни бранови (2025-2030).
Со цел заштита на здравјето на вработените, Министерството препорачува одложување на работните активности во најтоплиот период од денот, односно од 11 до 17 часот, особено за работниците што се изложени на директна топлина.
Се предлага и воспоставување можности за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, секаде каде што е тоа изводливо.
За оние што одат на работа да бидат обезбедени соодветни микроклиматски услови во работните простории, со температура до 25 Целзиусови степени, освен во случаи каде што природата на работниот процес не го дозволува тоа.
Исто така, се предлага и ослободување од работни обврски на бремени жени и лица над 60 години, доколку не се обезбедени соодветни услови за работа.
Исклучок од ова правило, велат од министерството, се вработените во критична инфраструктура како здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика и јавни комунални претпријатија.
Министерството за економија и труд нагласува дека ќе продолжи да ги следи и координира активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и останатите релевантни институции.
Овие мерки се дел од националниот одговор на предизвиците од климатските промени и екстремните временски услови, со цел намалување на ризиците од топлотен стрес и други здравствени последици за вработените. Министерството апелира до јавноста и бизнис-секторот за соработка и одговорност во спроведувањето на препораките, со цел обезбедување безбедни и здрави работни услови.
Вчера, Владата донесе одлука за спроведување на мерките согласно црвената топлотна фаза откако од УХМР најавија дека дневните температури оваа недела ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени.