Во соопштението во кое реагираат на обвинувањата на опозициската партија, од Министерството за правда изразија очекување за поконструктивен и покооперативен пристап од страна на СДСМ, а не саботажа на дневнополитичка основа
Остануваме посветени на реформите затоа што тоа им го должиме на граѓаните, се надеваме дека еден ден СДСМ ќе успее да го види тоа – реагираат од Министерството за правда по обвинувањата на опозицискиот Социјалдемократски сојуз дека го опструираат пакетот реформски закони.

Во соопштението во кое реагираат на обвинувањата на опозициската партија, од Правда изразија очекување за поконструктивен и покооперативен пристап од страна на СДСМ, а не саботажа на дневнополитичка основа.
„Но, самиот факт дека ‘предводникот’ на работната група на СДСМ за реформи во правосудството е политиколог, а не правник, неспорно укажува дека станува збор за чисто политички забелешки и празна демагогија, а не за правно издржани ставови. Работата на Министерството, како и досега, останува отворена и транспарентна за сите“,
велат од Министерството за правда.
Оттаму оценија дека токму критиките кои опозицискиот СДСМ ги упати за Законот за Судски совет укажуваат дека се работи за дневно политиканство. Во однос овој закон, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, обвини дека осум од препораките на оценската мисија на ЕУ остануваат неадресирани, а три се делумно имплементирани, како и дека законот, онаков каков што е ставен на ЕНЕР, создава правен хаос, бидејќи текстот е полуготов и неусогласен со други релевантни закони.
„Законот (за Судски совет) е резултат на темелна анализа и повеќемесечна стручна работа, имајќи ги предвид препораките од оценската мисија, коментарите од Венецијанската комисија, со цел да се обезбеди независност на судството и заштита на правната држава“,
велат од Правда.
За Законот за Јавното обвинителство, за кој СДСМ обвини дека се воведуваат решенија кои овозможуваат уште подиректно мешање на извршната власт, од Министерството за правда велат дека во текстот на законот кој е објавен на ЕНЕР се имплементирани сите препораки од реформската агенда.
Дополнително, како што посочуваат оттаму, Законот за Јавното обвинителство заедно со Законот за Советот на јавните обвинители, ќе биде доставен на мислење до Венецијанската комисија пред нивното финализирање.