Во однос на обвинувањата на родителите на починатите деца од пожарот во Кочани, кои бараат одговорност од МВР, министерот вели дека тие имаат легитимно право да бараат одговори од институциите, а институциите имаат должност да дадат одговори на сите прашања. Смета дека она што требало да биде направено од страна на МВР во врска со случајот со Кочани е направено без селективност
Работниот однос на полициските службеници опфатени во истрагата за пожарот во Кочани е во мирување, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски прашан каков е статусот на 13 полицајци против кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција овој месец покрена истрага.

Функционирањето на полициските службеници во рамки на Министерството за внатрешни работи, како што рече Тошковски, во моментов е замрзнато, односно се оддалечени од вршење на функцијата.
„Јавното обвинителство е органот којшто е надлежен да постапува во овој дел од а истрагата. Истрагата во делот на полициските службеници која се спроведува од страна на ОЈО ГОКК сѐ уште не е завршена и тоа одлучува преку судските органи за статусот на полициските службеници. Во рамки на функционирањето во МВР, нивниот статус е замрзнат, односно во рамки на овој временски период ќе бидат оддалечени од вршење на функцијата“,
рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на обвинувањата на родителите на починатите деца од пожарот во Кочани, кои бараат одговорност од МВР, Тошковски вели дека тие имаат легитимно право да бараат одговори од институциите, а институциите имаат должност да дадат одговори на сите прашања. Смета дека она што требало да биде направено од страна на МВР во врска со случајот со Кочани е направено без селективност.
„Покажавме дека без оглед на име и презиме, без оглед на тоа кој е инволвирал, кој бил близок со некого или кој не бил близок, дека МВР знае да постапува професионално и никогаш нема да дозволи за оние за коишто има докази, за оние за коишто има основи на сомнение доведено на одредени ниво, да не процесира постапка. Тоа го докажуваме на дело не знам по кој пат во рамки на мандатот на оваа Влада и ќе продолжиме да го потврдуваме во иднина, за разлика од претходно, а народот го гледа тоа“,
додаде министерот.
На почетокот на јуни годинава МВР поднесе кривична пријава, а Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поведе истрага против 13 полициски службеници од СВР Штип, кои вчера беа уапсени во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 62 лица. Според Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените како службени лица во период од 14 до 16 март 2025 година сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.