Прашан дали докторите што немаат толку нови автомобили му се лутат, Алиу рече дека како министер работа му е да се справува и со позитивни и со негативни реакции

Доктори се јавуваат и велат дека сме ги спасиле со идејата да можат да ги паркираат возилата во комплексот „Лимак“, вели министерот за здравство Азир Алиу.
„Нè спасивте, скапи коли имаме и ги гледаме изгребани и оштетени и бидејќи нема камери не знаеме кого да пријавиме“,
рече Алиу денеска во одговор на новинарско прашање.
Прашан дали докторите што немаат толку нови автомобили му се лутат, Алиу рече дека како министер работа му е да се справува и со позитивни и со негативни реакции.
„Министерот е тој што креира политики и тој што се справува со позитивните и негативните енергии, јас сум спремен и со правата и со втората страна да се справам“,
кажа Алиу.
Тој најави дека се планираат и други чекори поврзани со паркирањето во Клинички центар, но рече дека сè додека не се соберат податоци и не се направат анализи нема да излегува во јавноста со нови информации.
Во врска со реакциите на Синдикатот на Клинички центар кои не се согласуваат со склучениот меморандум со кој 300 вработени на Клинички центар може да паркираат во блиската гаража на „Лимак“, Алиу рече дека е подготвен да седне и да разговара.
„Да, дел од синдикатот не се согласува, а друг дел и го поздравуваат овој чекор. Јас сум спремен да седнам со нив и ако треба и да се повлечам. Ако грешиме во процесите, воопшто нема да ми е срам да кажам дека овој чекор воопшто не беше добро смислен и се враќаме на првичната ситуација“,
одговори Алиу.
Тој најави дека денеска ќе има средба со директорот на „Градски паркинг“, претпријатието што го наплатува паркирањето во Клинички центар, а за договорот од средбата кажа дека ќе информира идната недела на средба со новинарите.
Министерот за здравство Азир Алиу викендов кажа дека Министерството обезбедило 300 паркинг-места во комплексот „Лимак“ за вработените во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, со што се дава одговор на еден од најгорливите проблеми во најголемиот здравствен комплекс во државата.
Тој додаде дека овој паркинг-простор се наоѓа на приближно пет минути пешачење од која било клиника и дека ќе биде ставен во функција од 1 јули.
Според министерот, во комплексот во моментов се мапирани 700 места за паркирање, а дневно има 2 500 возила. Тој информира дека во тек е поставување информативни дигитални табли на влезовите во Клиничкиот центар, како и на клучните точки низ комплексот преку кои граѓаните полесно ќе ги наоѓаат клиниките и здравствените институции.