Се препорачува граѓаните да избегнуваат да купуваат и консумираат храна со оштетена амбалажа, односно амбалажа која е нагмечена, надуена или напукната, разладените или замрзнатите производи да ги купуваат на крајот на пазарењето, а лесно расипливата храна да не ја чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура. Се препорачува и да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач
По најавата на УХМР дека дневните температури ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени во одредени делови од државата, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира граѓаните да прават правилен избор при набавката, транспортот и чувањето на храната која ја консумираат за да се избегне потенцијално труење.

„Неопходно е да се направи правилен избор на храна и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде што има соодветни услови за чување и каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди“,
соопштија од Агенцијата.
АХВ препорачува граѓаните да избегнуваат да купуваат и консумираат храна со оштетена амбалажа, односно амбалажа која е нагмечена, надуена или напукната, разладените или замрзнатите производи да ги купуваат на крајот на пазарењето, а лесно расипливата храна да не ја чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура. Се препорачува и да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
„Разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 Целзиусови степени, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на температура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува“,
додаваат од АХВ.
Во однос на консумација на храна во угостителски објекти, АХВ предупредуваат граѓаните да избираат локали кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и имаат добра репутација. Во локалите за брза храна, пак, се препорачува да се одбегнуваат додатоците кои не стојат во ладилник како мајонез, кечап, крем салати, сосови.
Додаваат дека порастот на температурите претставува голем стрес и за добитокот, кој може да се манифестира со намалено внесување храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент на влага и недоволна вентилација во објектите каде што тие престојуваат може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаница да се појави како последица на директно изложување на сонце. Во двата случаи, како што се наведува, исходот може да биде фатален ако не се дејствува навреме.