Податоците на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје велат дека земјотресот бил почувствуван во југозападните делови на земјава со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала рано утрово е регистриран во соседна Албанија, а бил почувствуван во југозападните делови на земјава, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Како што информираат оттаму, потресот бил регистриран во 5:04 часот на 158 километри југозападно од Скопје со епицентар во Република Албанија.
Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) епицентарот на земјотресот бил на 16 километри северозападно од Тирана, на длабочина од пет километри.
Досегашните податоци на Сеизмолопшката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје велат дека земјотресот бил почувствуван во југозападните делови на земјава со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Инаку, како што може да се види на веб-страницата на ЕМСЦ утрово се регистрирани уште неколку послаби потреси со епицентар во соседна Албанија.
Минатата недела беа регистрирани серија земјотреси чии епицентри потекнуваа од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга и во пограничното подрачје меѓу С Македонија и Албанија.
Најсилниот беше регистриран на 16 јуни со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала, а во Охрид и околината беше почувствуван со интензитет од V степени според Европската макросеизимичка скала.