Од владејачката партија нагласија дека СДСМ седум години ја влечел Македонија по кал и ги осиромашил граѓаните
Секоја чест на актерската изведба на Венко Филипче, само што народот не аплаудира, туку превртува очи, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако лидерот на СДСМ Венко Филипче, во своето обраќање на трибината „Македонија понижена – една година Влада“, упати серија критики за Владата.

„Кога ќе се појави тој, сите веднаш се потсетуваат на изгорените животи во модуларните болници, на кинеските вакцини платени, а неснабдени, како и на милионските тендери поделени во четири очи со неговите пријатели од политиката. Човекот кој ја водеше најсрамната здравствена политика во историјата, денес држи предавања за достоинство. Навистина одличен материјал за стенд-ап комедија“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија нагласија дека СДСМ седум години ја влечел Македонија по кал и ги осиромашил граѓаните.
„Ги исплашивте инвеститорите, ги партизиравте институциите до последниот портир и ја претворивте државата во бокс-ринг за вашиот внатрешен картел. А сега, кога конечно некој почна да расчистува, се јавува токму Венко да каже дека немало перспектива. Перспективата, господине Филипче, исчезна кога вие се качивте во бизнис-класата и почнавте да ги носите пријателите на скапи патувања, додека пациентите ги носеа во нестерилизирани сали со фотоволтаици што никако не стигнаа. Сега ви пречи што новата влада наместо бизнис во Дубаи, избра работа дома. Што наместо пропаганда, избра проекти. И што наместо тендери за свои, воведе одговорност за сите“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму порачаа дека Македонија не е понижена, туку дека се издигнува.