„Иако Тошковски и Мицкоски ветуваа дека ‘и брат да ми е ќе одговара’, гледаме дека кога станува збор за брат на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, за него нема казна за брзо возење. Нема постапки за десетици криминални тендери, нема постапки за актуелни функционери“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на трибината „Македонија понижена – една година Влада“, рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не само што не ја рационализирала администрацијата, туку ја претворила во продолжена рака на партиските штабови.
Тој додаде дека вработувањата се политички награди, а не резултат на квалитет и труд.
„Ветуваа ред и рационализација во администрацијата. Ветуваа мерит-систем. Што добивме? Нови министерства, илјадници нови партиски вработувања, листи за вработување по штабови кои се споделуваат на социјалните мрежи“,
рече Филипче.
Филипче потсети дека правдата беше едно од клучните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и рече оти смета дека токму таму власта најмногу разочарала. Според него, реформите во судството се целосно блокирани, а власта сака судство под нејзина контрола.
„Ветуваа реформи во судството. Ова беше клучно ветување за горда Македонија. Јас искрено верував во тоа, подадов рака за тие реформи. Бев дури и кај премиерот и повикав на лидерска средба токму за тие реформи“,
рече Филипче.

Во однос на европските интеграции, тој потенцираше дека по една година од формирањето на новата Влада, Македонија не само што не се доближила до Европската Унија, туку се оддалечи од секоја стратешка насока. Според него, владата избрала поинаков курс – пат кон изолација, неизвесност и порази.
„Сакам да им се обратам на оние кои велат ‘сите се исти’ или ‘во СДСМ нема промена’. Не сме исти. Не се исти оние кои вртат глава кога ќе се пожалите на тешка живеачка и оние кои понудија решенија за повисоки плати и пониски цени. Не се исти оние кои ветуваа правда, а испорачаа селективна правда и оние кои секојдневно нудат решенија и реформи со кои секој политичар или функционер еднакво ќе одговара пред законот. Не се исти оние кои понудија решенија за траен развој на Македонија интегрирана во Европа и оние кои решија да фрлат сè на буниште заради сопствените политички и бизнис интереси. За крај, не се исти оние кои кога беше најтешко во изминатите седум години искрено стоеја пред вас и ги решаваа проблемите и оние кои за секој проблем ја обвинуваат опозицијата или манипулираат дека проблемот не постои“,
рече Филипче.
Филипче смета дека за една година Македонија станала сериозно небезбедна држава, се живее со страв, а правдата е селективна.
„Иако Тошковски и Мицкоски ветуваа дека ‘и брат да ми е ќе одговара’, гледаме дека кога станува збор за брат на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ – за него нема казна за брзо возење. Нема постапки за десетици криминални тендери, нема постапки за актуелни функционери“,
рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.