Посочи дека за изнесените сомнижи за криминал е потребна институционална реакција од надлежните, односно дека мора да се истражи најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово со земјиште, во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски
Откако му ги откривме сите скандали на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и јавно проговоривме за сите сомнежи за коруптивни шеми со парцели и станови, за криминал и лично богатење, тој сега сака да не замолчи. Ова денеска на прес-конференција го рече Атина Мургашанска, советничка од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) во Советот на Општина Куманово, соопштувајќи дека Димитриевски и поднел тужба, оти бил навреден и наклеветен во нејзините говори.

Според неа, Димитриевски се плаши од вистината и затоа сака да ја заташка, да ги прикрие злоупотребите и да го замолчи секој што му се спротивставува и јавно му ги обелоденува.
Таа цитираше неколку реченици за кои рече дека Димитриевски ги навел во тужбата против неа.
„Еве, кој дел од вистината најмногу го здоболело Димитриевски. Цитирам: Како се купува стан од 90 метри квадарни за 2 000 евра. Како се прави размена со кумот. Срамота е човек кој е фатен со полна кола пари со поткуп. Не може да ја напаѓа претходната Влада, таа му ја раздолжи општината, токму таа влада на која и се заблагодаруваше. Нека види народот, ова се дел од цитатите, има секако и други, наведени во тужбата“,
вели Мургашанска.
На Димитриевски му порача дека со тужбата нема да ја уплаши, ниту замолчи, оти како советничка, таа го претставува гласот на граѓаните.
„Јавно зборувам за скандалите и сомнежите за криминал на Максим Димитриевски и така и ќе продолжам. Ќе продолжиме да ја разобличуваме секоја негова злоупотреба и ќе бараме институционална реакција од надлежните“,
рече таа на прес-конференцијата.
Посочи дека мора да се истражи најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово со земјиште, во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски.
„Институциите мора да дадат одговор како Димитриевски и неговиот кум заработиле 350 000 евра и како Димитриевски добил стан од 97 метри квадратни во центарот на Куманово за само 2 500 евра“,
кажа советничката на СДСМ во Советот на Општина Куманово.
Мургашанска на прес-конференција одржана на 21 мај обелодени скандал со шеми за станови во кој се вмешани Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски.
Мургашанска ги презентираше настаните, почнувајќи од 2010 година, кога Максим Димитриевски купил 10 000 квадратни метри земјиште по цена од едно евро за квадратен метар, односно вкупно 10 000 евра. Ова земјиште кај поранешен ЧИК „Куманово“, иако тогаш Димитриевски не бил градоначалник, подоцна станало клучна алатка во, како што тврди СДСМ, сомнителна шема.
Според обвинувањата, компанијата „Евгенија план“ од Куманово добила дозвола за градење и изградила зграда на локација поврзана со земјиштето на Димитриевски, но подолг период не можела да добие технички прием. Ситуацијата се променила откако Димитриевски станал градоначалник и неговиот кум Драган Митевски купил два стана од по 97 квадратни метри во истата зграда во август 2022 година. Само неколку месеци подоцна, техничкиот прием бил одобрен.
„Еве го купопродажниот договор за двата стана од по 97 квадрати на кумот на Максим од август 2022 година“,
рече таа, покажувајќи документи.
На овие обвинувања, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија рекоа дека СДСМ е во паника и прави дефокус од нивните корупциски афери.