Според него, опозициската партија постојано се води од народната поговорка „крадецот вели, држете го крадецот“
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) е во паника и прави дефокус од нивните корупциски афери. Ова денеска на прес-конференција го рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, како одговор на обвинувањата од советниците на СДСМ од Советот на општина Куманово, според кои градоначалникот Максим Димитриевски и лидер на Движењето ЗНАМ е поврзан со најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении.

„Ја разбираме очајната состојба во која се наоѓа СДСМ, во својот слободен пад како партија на македонската политичка сцена. За нас, денешната прес-конференција организирана од веќе етаблираната коалиција меѓу СДСМ и Левица во интерпретација на сомнително лице со документирани здравствени проблеми од психолошка природа, за кое не сме сигурни дека ја конзумирала дневната доза на лекови, е дежаву од настаните за време на локалните избори во 2021 година“,
рече тој.
Според него, како тогаш, така и сега, пред локалните избори, на маса е истото неуспешно сценарио на СДСМ. Додава дека, како и тогаш, и сега обвинувањата се исти.
„Компанијата ‘Лидл‘ и нивната инвестиција во индустриската зона Нивини и Речица во Куманово е една од стратешките развојни активности за градот, но и за државата. На крајот од мандатот поранешната влада, токму пред парламентарните избори, ја промовираше оваа капитална инвестиција и беа првите лопатари на чело со поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Не ми е јасно зошто тогаш ‘Лидл‘ беше одлична, а сега е непосакувана инвестиција“,
вели Мемов.
Според него, СДСМ постојано се води од народната поговорка „крадецот вели, држете го крадецот“.
„Додека институциите ги отвораат вистинските скандали од вашето време, вие се обидувате да го одвлечете вниманието на јавноста со напади врз градоначалникот на Куманово“,
посочи портпаролот на ЗНАМ.
На СДСМ ѝ порача дека ЗНАМ се поинакви од нив, како и дека тоа го докажале многупати досега.
„Ние сме дома, во Македонија, а не во Дубаи. Не градиме облакодери во Дубаи, туку градиме за граѓаните на Македонија. Не сме ниту како Зоран Заев, кој направи милиони од ископите во РЕК ‘Битола’, за што сега има постапки, ниту како Венко Филипче, кој земаше провизии за набавка на вакцини, реагенси и респоратори во ковид-кризата“,
додаде Мемов.
По децении запоставеност на Куманово, според него, сега градот е пример за локален развој, кој како никогаш досега добива сериозни странски инвестиции.
Општинските советници од СДСМ денеска на прес-конфееренција обвинија дека во Куманово се случува најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении, организиран и координиран директно од градоначалникот на градот и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Советничката на СДСМ во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, обвини дека Димитриевски со поддршка на Демократската унија за интеграција (ДУИ) му „наместил“ детален урбанистички план (ДУП) на својот кум.
„Во август 2023, Општина Куманово распишува тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Се знае однапред – купувач ќе биде ‘Лидл’. Продажбата е директно од државата кон ‘Лидл’, со цена од 5,5 милиони евра. Дотука нема ништо спорно. Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250 000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на ‘Лидл’ – за 600 000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350 000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи – продај!“,
рече Мургашанска.