Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, вчеравечер рече дека премиерот Христијан Мицкоски, на прославата на 35-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, имал слаб говор и лоши пораки и дека признал оти досега ништо не направил
Човекот кој четири години беше дел од најрасипничката и најкорумпираната власт во историјата на Македонија, сега од удобната опозициска фотелја, се осмели да зборува за работа. Токму Венко Филипче беше симбол за „ништо не работеше“ – освен кога се делеше тендер, договараше провизија или се распарчуваше здравството. Оваа реакција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, вчеравечер рече дека премиерот Христијан Мицкоски, на прославата на 35-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, имал слаб говор и лоши пораки и дека признал оти досега ништо не направил.

„Кога зборува Филипче, јавноста не слуша план, туку ехо од Дубаи. Мицкоски рече дека досега исправал и пополнувал дупки и решавал проблеми што Филипче и неговите пајташи ги оставиле во државата. Дупки, недоследности и неодговорности во работењето што ја оставија државата разурната и уништена, ограбена, пред банкрот, осиромашена, удавена во инфлаторни шокови, со секој трет граѓанин што сака да си замине од земјава“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочија дека власта ја преземале во најтешка можна состојба – оставена во долгови, со уништени институции, со криминализирана администрација и со економија на колена.
„И наместо да навива против Македонија, Филипче конечно треба да го прифати фактот дека времето на шминка, лажни пресови и празни флоскули заврши. А ти, Венко – одмори. Плажите во Дубаи повторно чекаат“,
пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Коментирајќи го синоќешниот говор на премиерот од Битола, Филипче рече дека слоганот на „Најдоброто допрва доаѓа“ е најлошиот за кампања и претставува потценување на интелигенцијата на граѓаните.
„Што е тоа што допрва ќе дојде? Не беа доволни четири години локална власт и една година централна власт за да направите нешто?“,
вели тој.
Според лидерот на опозицијата, срамно е Мицкоски да зборува за правда, откако направил сè за да ги скрие од одговорност неговите луѓе што се директно одговорни за најголемата трагедија во историјата на модерна Македонија.
Лидерот на СДСМ смета дека на премиерот никој надвор од неговото опкружување не му верува кога зборува за раст на економијата.
„Стагнираат платите, дивее инфлацијата, државниот долг е зголемен за 7 милијарди евра. За цело ова време Владата се луксузира со приватни авиони, јаде папаја и манго, се шета по најскапите хотели во светот“,
кажа тој.
Го праша Мицкоски, до каде е тужбата за „Бехтел и Енка“.
„Сега дури и Трајко Славески најави дека ќе се зголеми трошокот за тој проект за 700 милиони евра, од 1.3 милијарди како што беше договорено на 2 милијарди евра. Кој се ‘вгради‘ со проценти во овој договор?“,
прашува Филипче.