Мицкоски во своето обраќање по повод 35-годишнината од формирањето на партијата им порача на своите функционери да не заборават кои се, од каде дошле и на кого му служат и воедно повика на искрена самокритика и совест кај секој член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ
Тој порача дека Македонија веќе нема да биде земја на понижување и предавство. Како што нагласи, надворешната политика на земјата е достоинствена, принципиелна и базирана на заштита на заедничката историја, култура и идентитет
ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на историското ВМРО, основано во 1893 година, кога нашиот народ, иако под туѓи потчинувања и притисоци, се бореше за свој идентитет, за слобода, за правда. Ние сме оние што ја продолжуваме таа светла и чесна мисија, кои не ги забораваме корените, ни темелите на кои е изградена македонската државност, порача вечерва од Хераклеја премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод 35-годишнината од формирањето на партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ е легитимен и идеолошки наследник на ВМРО. Она што оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како наш најсилен стожер. И затоа овие бели и мудри глави кои денес се заедно со нас, но и многумина кои веќе не се со нас, но чие дело го паметиме, ја потврдуваат историската грамадност на оваа организација која постела, постои и ќе продолжи да постои за нашата единствена и најголема кауза – Македонија“,
нагласи Мицкоски.

„Никој не е незаменлив, колку и да е близок до мене“
Мицкоски во своето обраќање им порача на своите функционери да не заборават кои се, од каде дошле и на кого му служат и воедно повика на искрена самокритика и совест кај секој член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во овие мигови на промени, апелирам до сите наши функционери и членови: не заборавајте кои сте, од каде дојдовте и кому му служите. Никој не смее да дозволи бахатост или агонија од моќ и корист да го заматат погледот. За да демонстрираме одговорност како гарнитура и да покажеме разлика и тоа кои сме и за што се залагаме, јас нема да престанам да барам отчетност од секој еден од вас. Секое отстпапување од вредностите кои ги застапуваме нема да остане неказнето или неприметено. И ниту еден од вас не е незаменлив, колку и да е близок до мене. Мора да знаете дека ниту една ваша функција, ниту една позиција не ви е сигурна и таму ќе бидете се додека служите и заедно работиме за народот“,
подвлече Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ е промената која не се плаши од предизвици“
Тој истакна дека неговите претходници, СДСМ и ДУИ, го разочарале народот и ги руинирале институциите. Државата, посочи Мицкоски, беше предмет на долготрајно уназадување и разрушување, а седумгодишното владеење на ДУИ и СДСМ остави длабоки рани.
„Ние сме промена која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Ние не сме тука да ветуваме лесни приказни или брзи решенија, туку сме тука за да ги исправиме грешките и да ги санираме штетите од минатото. Мора да признаеме – периодот што го оставивме зад себе не беше лесен. Последните седум години, до лани, беа години на катастрофално владеење од страна на ДУИ и СДСМ, полно со корупција, предавства и разнишување на нашите институции. Институции кои беа столбови на државата, сега беа рушевини. Вербата на народот беше разнишана, економијата заглавена, политичарите потонати во корупција, стандардот на граѓаните падна. Луѓето беа разочарани, уморни, полни со апатија, страв и неизвесност. И токму поради ова, нашиот влез во власта пред една година беше повеќе од промена на гарнитура. Тоа беше нов почеток и потврда дека народот не заборавил, дека народот не се откажал, и дека сега почнуваме да градиме темели – темели на промени, темели на чесност, темели на работа и правда“,
потенцира премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, клучот за успехот лежи во единството и свесноста за одговорноста.
„Не сме тука за да се бориме за фотелји или моќ, туку за да создадеме вистински вредности кои ќе останат засекогаш и ќе ги препознаваат идните генерации. Се сеќавам како по седумте години катастрофално владеење на ДУИ и СДСМ, кога нашите институции беа разнишани, корупцијата цветаше, а идентитетот и националниот интерес беа на удар, многумина помислија дека нема спас за Македонија. Но токму тогаш, во најтешките моменти, ние одлучивме да преземеме одговорност и да покажеме дека има надеж“,
нагласи Мицкоски.
„Македонија веќе нема да биде земја на понижување и предавство“
Тој порача дека Македонија веќе нема да биде земја на понижување и предавство. КАко што нагласи, надворешната политика на земјата е достоинствена, принципиелна и базирана на заштита на заедничката историја, култура и идентитет.
„Не можеме да дозволиме да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси и да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно на власт. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Не можеме да молчиме пред однесувањата на лидерот на опозицијата, пред неспособноста и предавствата кои со зачуденост јасно ги гледаме. Народот веќе ја знае вистината. Ние сме сведоци на тоа дека македонската жица на овие политичари свири само кога ќе се објави тендер или лична корист. Ова се нови времиња, кога народот има очи да гледа и памет да не биде излажан. Ние нема да дозволиме да се повтори истата приказна. Ќе ги држиме на одговорност сите кои ќе се обидат да ја злоупотребат довербата на граѓаните. Секој ќе одговара пред законот“,
подвлече Мицкоски.
Тој на крајот од своето обраќање им се поклони на основачите на ВМРО-ДПМНЕ, на сите борци за ВМРО, на сите кои, како што истакна, воздивнуваат и треперат при секој предизвик на партијата и искрено се радуваат и втемелуваат во секој успех.

Одбележувањето на партискиот јубилеј е под мотото „Идеја што не запира, вредности што носат промени“, а се одржува во Хераклеја Линкестис кај Битола. Настанот почна со интонирање на македонската химна по што беа изведени и изворни македонски песни. На чествувањето присуствуваат членови, симпатизери, основачи и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Владата и коалициски партнери.