„Претпоставувам дека нема да разговарам со него некое време, но му посакувам се најдобро“, рекол Трамп во изјава за Си-ен-ен

Американскиот претседател Доналд Трамп не е заинтересиран да разговара со својот поранешен сојузник Илон Маск, по вчерашната голема јавна расправија, пишуваат светските медиуми повикувајќи се на изјава на функционер од Белата куќа. Според него, за денеска не е планиран телефонски повик меѓу Трамп и Маск.
Претходно, друг функционер на Белата куќа изјави дека за денеска е закажан телефонски разговор меѓу претседателот Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск.
„Дури и не размислувам за Илон. Тој има проблем, кутриот има проблем“,
изјави Трамп за Си-ен-ен.
На прашањето на Си-ен-ен, дали имал повик со Маск, Трамп одговорил негативно.
„Не. Претпоставувам дека нема да разговарам со него некое време, но му посакувам се најдобро“,
рекол Трамп.
Трамп и Маск вчера имаа вербална расправија преку своите социјални платформи – Трамп на Трут сошал, а Маск на Икс.
Маск вчера сугерираше дека Трамп не би победил на изборите без него, спомена дека името на Трамп се појавува во досиејата за Џефри Епстајн и повика на негово отповикување.
Објавата на Маск е одговор на изјавата што претходно денеска ја даде Трамп од Овалната соба, дека е многу разочаран од милијардерот и технолошки магнат и дека не знае дали ќе остане во добри односи со него.
Трамп на ова возврати, обвинувајќи го Маск дека „полудел“ и побара укинување на државната помош за неговите компании.
Главниот донатор на Трамп за време на минатогодишната изборна кампања ја напушти Белата куќа минатата недела каде неколку месеци го водеше Одделот за ефикасност на владата на САД (ДОГЕ), со став дека републиканскиот закон ќе ја поткопа работата на ДОГЕ и ќе ги доведе САД во уште поголем долг.