Чулев и Тасевски деновиве меѓусебно ја префрлаа одговорноста за неспроведување на контролата за тоа како се спроведуваат мерките за заштита од ковид-19
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денеска ги отфрли обвинувања, кои на негова сметка пред неколку дена ги упати министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој одговорноста за непочитување на мерките за заштита од епидемијата поради што се случи драматичен пораст на новозаболени ја насочи кон првиот човек на БЈБ.
Тасевски во изјава за НОВАТВ не сака да ја коментира изјавата на Чулев, истакнувајќи дека како професионалец смета дека полицијата треба да биде ослободена од партиско влијание. Тој само ги посочи изјавите на Чулев дека полицијата нема да казнува и му порача да се се соочи со последиците од таквите негови изјави.
„Началниците назначени од него се срамат од своите постапки и се борат со нивниот професионализам од една страна и партискиот притисок од Чулев од друга страна. Зголемувањето на бројот на заболени покажа дека тие партиски мотивирани насоки се одразуваат лошо на сите нас. Колегите се свесни за ова и во периодот кој претстои убеден сум дека ќе го коригираат своето однесување и ќе постапуваат во интерес на граѓаните“,
вели Тасевски.
Тој ја врати одговорноста за ситуацијата кон министерот Чулев, како прв човек на координативно тело за борба со пандемијатаво МВР.
„Очигледно е дека политиките кои ги води техничкиот министер во ова тело, а кои се операционализираат во оперативата на БЈБ не се на задоволително ниво за кои јас како директор побарав да се променат но не наидов на разбирање, вели во изјави за НОВА, директорот на Бирото за јавна безбедност“,
Сашо Тасевски.
Началниците зад Чулев, контра директорот на БЈБ
Веднаш по изјавата на Тасевски, реагираа началниците на СВР Скопје, СВР Штип, СВР Струмица и СВР Охрид, кои застанаа на страната на Чулев и побараа извинување од директорот на БЈБ.
Началникот на СВР Скопје, Ристо Ставревски во писмена изјава до медиумите напиша дека министерот Чулев е тој кој што дава поддршка за неселективната борба против криминалот, додека директорот Тасевски се занимава со дневна политика.
И началникот на СВР Штип Александар Николов реагира на ист начин истакнувајќи дека е горд што е дел од тимот кој како што вели, „ја менува сликата на работењето во Министерството за внатрешни работи“.
„Горд сум што сум дел од високата раководна структура во Министерството со кое раководи министерот Наќе Чулев, кој пожртвувано се бори за правата на полициските службеници кои успешно се справуваа во борбата против пандемијата на ковид – 19“,
се вели во писмената изјава на првиот човек на штипската полиција.
Началникот на СВР Струмица, Васил Тодоров исто така вели дека министерот Чулев до сега секогаш се залагал за целосно почитување и спроведување на законот, додека началникот на СВР Охрид, Илија Милески наводите во изјавата на директорот Тасевски ги нарекува „чисти лаги“.
„Јас, а верувам и ниту еден од моите колеги нема кажано таква изјава и во таа насока инсистирам во иднина да престане злупотребата на моето име и името на моите колеги во политички цели, но и генералното злоупотребување на полицијата со такви намери“,
напиша Милески во изјавата.
Началниците кои денеска му дадоа поддршка на Чулев се дел од назначувањата кои ги направи техничкиот министер за внатрешни работи веднаш по преземањето на функцијата во јануари годинава. За некои од нив, како за првиот човек на СВР Скопје Ристо Ставрески тој дојде во судир со дополнителна заменик министерка Славјанка Петровска.