„Приоритет на оваа влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис-окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија“, рече Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција
Намалување на царините за 67 производи што се користат во домашната индустрија, но и укинување на царинските стапки за стоките кои доаѓаат од Соединетите Американски Држави (САД) во Северна Македонија планира македонската влада.

Измените на Законот за царинска тарифа веќе се испратени во Собранието на усвојување, а со нив, како што соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на прес-конференција, се врши и хармонизација со царинските стапки на Европската Унија.
„На ваков начин сметаме дека ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена“,
вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Планот е новите законски прописи да се применуваат од 1 јули 2025 година. Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во македонските индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, металопреработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високо финални производи, со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија. Со измените се пристапува и кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика.
„Од 1 јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто, со што директно помагаме во енергетскиот сектор“,
рече министерката.
Во врска со укинувањето на царинските стапки за производите кои во земјава доаѓаа од САД, Димитриеска-Кочоска кажа дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнери на Македонија и соработката со нив е значајна од секој аспект, поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес.
„Приоритет на оваа влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис-окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија“,
рече таа.
Најавата доаѓа откако земјава се најде на листата на американскиот претседател Доналд Трамп, на која Вашингтон и воведува царини од 33 отсто.
Од „Илинденска“ број 2 веднаш најавија дека разговараат со администрацијата на САД за коригирање на ваквата олдука. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски неодамна во Вашингтон имаше билатерална средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио, на која биле разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, а била разгледана и можноста за намалување на тарифите и започнување процес за потпишување на Договор за слободна трговија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања за неговите впечатоци од средбите на шефот на дипломатијата во Вашингтон, изјави дека очекува земјава да биде меѓу првите во светот што ќе добијат договор за слободна трговија со САД.

„Впечатоците се исклучително високи, а Муцунски е меѓу првите седум министри за надворешни работи од Европа што на билатерално ниво се примени од американскиот државен секретар Марко Рубио во Стејт департментот во Вашингтон. Средбата траела околу 45 минути, на која уште еднаш е истакната стратешката соработка и значењето на стратешката соработка помеѓу двете земји, како и досегашната исклучително искрена соработка со администрацијата на претседателот Доналд Трамп и очекувањата за во иднина“,
рече премиерот.
Посочи дека неговите очекувања се позитивни во делот на постигнување договор за слободна трговија со САД.
„Позитивни се како резултат на средбата со Џејмисон Грир, трговски претставник во администрацијата на американскиот претседател, но и моите телефонски разговори што ги имав со државниот секретар за економија, Хауард Латник. Очекувам да бидеме меѓу првите земји во светот коишто ќе добијат таков тип на договор со САД“,
кажа Мицкоски.