„Дури до пред две-три недели имаше голем притисок од Азир Алиу, не директно кон мене, меѓутоа преку наши пратеници, преку наши сопартијци, дека ние треба што побргу да се разделиме од ВЛЕН и што побрзо да почнеме соработка со ДУИ, и јас се зачудив кога слушнав дека тој сега се кандидира за министер. Меѓутоа и нему му посакувам многу среќа“, рече лидерот на Алијанса за Албанците во интервју за ТВ Сител
Во врска со претстојните локални избори, Таравари рече оти очекува неговата партија да освои најмалку пет општини, додавајќи дека во одредени општини во вториот круг е можно Алијанса да соработува и со ВЛЕН и со ДУИ, во зависност од резултатите
Азир Алиу е човекот кој прв почна да комуницира со Али Ахмети, да бидам искрен. Вршеше огромен притисок што поскоро да почнеме соработка со ДУИ и сега ми е чудно кога го гледам како кажува дека е против ДУИ, тврди ексминистерот за здравство и претседател на едно од двете крила на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Тој ова го кажа во вечерашното интервју во Дневникот на ТВ Сител, прашан дали се чувствува изневерено од вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и од Алиу, кои одлучија да не му се придружат и да останат во коалицијата ВЛЕН.
Алиу, по заминувањето на Таравари од Владата и од коалцијата, е актуелен кандидат на ВЛЕН за министерската позиција во Здравство, на која, доколу биде избран, ќе го наследи својот доскорешен партиски шеф.
Таравари изјави дека Алиу без негово знаење комуницирал со ДУИ уште од почетокот на јануари и, според него, бил еден од главните поборници Алијанса за Албанците што поскоро да го напушти ВЛЕН и да почне соработка со ДУИ.
„Првиот канал на комуникација со ДУИ е Азир Алиу. Без да знам, после ми кажаа. Реков, во ред, меѓутоа требаше јас да знам, не требало без јас да знам да седнеш и да разговараш. Дури до пред две-три недели имаше голем притисок од Азир Алиу, не директно кон мене, меѓутоа преку наши пратеници, преку наши сопартијци, дека ние треба што побргу да се разделиме од ВЛЕН и што побрзо да почнеме соработка со ДУИ, и јас се зачудив кога слушнав дека тој сега се кандидира за министер. Меѓутоа, и нему му посакувам многу среќа“,
рече Таравари.
Потегот на вицепремиерот Арбен Фетаи да остане во власта со ВЛЕН, Таравари рече дека го доживеал поемотивно бидејќи Фетаи му бил еден од најблиските соработници и го чувствувал како брат.
Вели дека одлучил да го предложи за вицепремиер и покрај лошиот рејтинг што Фетаи го имал меѓу членството на партијата.
„Фетаи ми беше како брат. Еве, јавно ќе кажам, пасвордите на имејл, на сите социјални мрежи ги имаше и тој и јас. Значи, близок како брат и, нормално, е емоционално. Моите двајца најблиски соработници беа Фетаи и (Халил) Снопче и нормално дека не ми е згодно и добро. Имав огромен притисок од членството кога го избирав Фетаи за заменик-претседател на Владата, бидејќи повеќето членови на партијата беа против него и јас во Собрание излегов и им кажав не гласајте за Фетаи, гласајте за мене и сакам поддршка од вас. Меѓутоа не сакам ништо лошо да зборувам за него“,
кажа Таравари.
За трите партии кои сега ја сочинуваат коалцијата ВЛЕН (Беса, Алтернатива и Демократско движење), според него, сите произлегле од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Беса и Алтернатива до 2017 година беа заедно, а двете излегоа од ДУИ. Изет Меџити 20 години беше потпретседател на ДУИ. Сите тие се деривати на ДУИ“,
рече тој.
Како причина за излегувањето на Алијанса, тој го наведе нефункционирањето на коалицијата според првичната идеја.

Тој негираше дека причината биле бизнис-интереси, конкретно случајот со паркингот на Клинички центар, со кој како единствена пријавена фирма на огласот требаше да стопанисува фирмата од Албанија, „Ѓока констракшн“, но тендерот по кусо време беше поништен.
„Апсолутно не. Барем тоа премиерот најдобро го знае. Во државата постојат секакви служби и институции кои можат да потврдат дека јас воопшто немам врска со тоа и тоа воопшто не е причина. Тендерот со ‘Ѓока констракшн’ беше поништен. Единствена причина е Алијанса за Албанците да излезе со што повеќе општини на локалните избори“,
кажа лидерот на Алијанса.
Во врска со претстојните локални избори, Таравари рече оти очекува неговата партија да освои најмалку пет општини.
„Очекувам да освоиме најмалку пет општини, можеби и повеќе. Тоа би бил одличен резултат за нас како партија. Под пет општини, резултатот не би бил добар“,
изјави Таравари.
Говорејќи на темата, додаде дека во одредени општини, во вториот круг, може да соработуваат, во зависност од резултатите, и со ВЛЕН и со ДУИ.
Рече дека сè уште немаат договор за соработка со ДУИ.
„Иако одамна велат дека имаме договор. Еве, јас вечерва ви кажувам, уште немаме договор, меѓутоа сега сме опозициска партија. Во одредени општини, да бидеме искрени, можеби ќе има соработка ВЛЕН–ДУИ–Алијанса. На пример, Кичево. Кичево е типичен пример во којшто, за жал, така ќе дојде на крајот, да се гласа за Македонец или Албанец, иако не би посакал така да бидат изборите, туку да се гласа за кандидат“,
рече Таравари додавајќи дека соработка меѓу трите партии е можна и во други општини, без притоа да прецизира кои се тие.