Осомничениот не му е познат на Бирото, но проценките се дека Родригез дошол во Вашингтон на работна конференција еден ден пред да го изврши убиството
Откако двајцата вработени во израелската амбасада во Вашингтон излегле од музејот, напаѓачот се разминал со нив, а потоа им пукал во грб. Паднале наземи, а тој се наведнал над нив и продолжил да пука. Ова се деталите од убиството на двајцата вработени во израелската амбасада во Вашингтон што ги изнесе Федералното истражно биро (ФБИ), а пренесува Скај њуз.

Елиас Родригез (31) е обвинет за убиство Јарон Лишински и Сара Лин Милграм, вработени во израелската амбасада во Вашингтон и млад пар што планирал свршувачка.
На видеата при неговото апсење се гледа како Родригез, по потекло од Чикаго, извикува:
„Слобода, слобода за Палестина!“
Американските власти го истражуваат ова убиство како чин на омраза кон еврејската заедница, но и како тероризам.
ФБИ во обвинението наведува дека снимките од безбедносните камери го покажуваат убиството на Сара и Јарон Лишински.
„Елиас Родригез бил виден на видео како поминува покрај двојката откако го напуштиле музејот, а потоа им пука во грб. Откако паднале наземи, Родригез се наведнал над нив и испукал уште неколку куршуми“,
се вели во соопштението од ФБИ.
Потоа се гледа како Сара се обидува да стане, но Родригез повторно пука во неа.
Нејасно е дали осомничениот ги познавал двајцата или каква врска можеби имал со нив.
Според Канцеларијата на американскиот обвинител, осомничениот е обвинет по две точки од првостепено убиство. Покрај тоа, Родригез е обвинет за убиство на странски службени лица, предизвикување смрт со огнено оружје и пукање со огнено оружје во насилно кривично дело.
Според ФБИ, осомничениот не му е познат на Бирото, но проценките се дека Родригез дошол во Вашингтон на работна конференција еден ден пред да го изврши убиството.