Украинскиот претседател ѝ најавил на македонската претседателка одржување на самит „Украина – Југоисточна Европа“ во Одеса на кој учество ќе земат лидерите на земјите од регионот. Одржувањето на самитот претходно денеска Зеленски им го најавил и на српскиот претседател Александар Вучиќ и на премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска остварила краток телефонски разговор со својот украински колега, претседателот Володимир Зеленски.

Како што информираа од кабинетот на претседателката, за време на разговорот Зеленски ја информирал Сиљановска-Давкова за интензивните дипломатски напори кон постигнување договор за правен мир во најскоро време, а таа ја изразила својата поддршка на напорите за ставање крај на војната.
Украинскиот претседател дополнително најавил одржување на самит „Украина – Југоисточна Европа“ на кој учество ќе земат лидерите на земјите од регионот.
Одржувањето на самитот во Одеса претходно денеска Зеленски им го најавил и на српскиот претседател Александар Вучиќ и на премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, со кои, исто така, разговарал телефонски.
Првиот ваков состанок на највисоко ниво меѓу Украина и земјите од Југоисточна Европа се одржа на иницијатива на Грција во август 2023 година во Атина.