Ревизијата утврдила и дека на Клиниката се ангажирани медицински сестри, шалтерски работници и хигиеничари со договор на дело, без обезбедена согласност од Министерството за финасии
Примените и потрошените лекови за Лековите за ретки болести и лековите од донација не биле евидентирани во сметководствената евиденција, покажа ревизорскиот извештај на финансиските извештаи на Клиниката за хематологија за 2023 година.

„Во дел од спроведените постапки за јавни набавки констатирана е несоодветна примена на Законот за јавните набавки и нехронолошко плаќање на преземените обврски“,
велат од Државниот завод за ревизија.
Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за хематологија за 2023 година, открива сериозни пропусти во финансиското работење, што резултира со неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со законите.
Ова, како што велат од ДЗР, е значајно влошување во споредба со ревизијата за 2017 година, кога за истите сегменти било изразено мислење со резерва.
Клучниот и најзагрижувачки наод е дека примените и потрошените лекови за ретки болести, како и лековите од донации, воопшто не биле евидентирани во сметководствената евиденција на Клиниката.
Ревизијата утврдила и дека на Клиниката се ангажирани медицински сестри, шалтерски работници и хигиеничари со договор на дело, без обезбедена согласност од Министерството за финансии.
Во насока на надминување на утврдените состојби ревизорите дале препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.