Од партијата потсетуваат дека Славески е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, близок соработник на Никола Груевски и министер во неговата влада, која, според СДСМ, ги понижувала работниците и ги третирала како евтина работна сила

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најави дека ќе се спротивстави на изборот на Трајко Славески за гувернер на Народна банка, тврдејќи дека неговиот избор ќе значи „погребување на последната независна институција“ во државата.
Од СДСМ велат дека со назначувањето на Славески, кого го нарекуваат „класичен партиски пиун“, се прави „невиден преседан“. Според нив, Народната банка отсекогаш била водена од независни експерти, а не од партиски функционери.
„Трајко Славески е човекот за кој 9 000 денари минимална плата се ’многу пари’. Тој е перјаницата на Мицкоски против интересите на работниците. Гувернер ќе стане економистот кој е познат како најголем непријател на идејата за покачување на минималната плата, како и непријател на правилното пресметување на потрошувачката кошничка за четиричлено семејство – човекот кој, додека ги водеше финансиите на земјата, жестоко ја раскрчмуваше и задолжуваше државата“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека Славески е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, близок соработник на Никола Груевски и министер во неговата влада, која, според СДСМ, ги понижувала работниците и ги третирала како евтина работна сила.
Од СДСМ обвинуваат дека како претседател на Советот на Град Скопје, „ќе остане запаметен како лицето кое го уништи градот“, водејќи ги „битките на Мицкоски со Арсовска, откако им пропаднале бизнис-зделките“.
СДСМ изрази и длабоко разочарување од, како што го нарекуваат, „полтронскиот однос на претседателката Сиљановска-Давкова“, тврдејќи дека нејзиното потклекнување пред барањата на Мицкоски е доказ за нејзината партиска зависност.
„Таа, како и сите претходни претседатели избрани од ВМРО-ДПМНЕ, е тука само за да исполнува партиски наредби. Имаше можност да застане зад сопствен избор, да промовира независна и стручна личност, но реши да ја наведне главата пред Мицкоски“,
додаваат од СДСМ.
Претседателката Сиљановска-Давкова вчера го предложи Славески за нов гувернер, откако претходно разговараше со повеќе кандидати за оваа функција. Од нејзиниот кабинет информираа дека при одлучувањето се воделе од стручноста и компетентноста, како и од дигнитетот и интегритетот на кандидатот, но и од реалната можност за негово именување.
Денеска, премиерот Христијан Мицкоски рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за изборот Трајко Славески да биде нов гувернер на Народната банка.