Ова, вели Филипче, не беше момент за политички инает, туку за заедничка грижа

Вистинско разочарување е денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ да не го поддржат законот кој се однесува за обезбедување помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани, вели претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.
Според Филипче, за ваквата одлука на власта не може да најде разумно објаснување бидејќи вели дека законот го поднеле без никакви политички намери.
„Денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не го поддржат овој закон за мене е вистинско разочарување. Не можам да најдам разумно објаснување за оваа постапка. Не станува збор за политика, туку за човечност, морал и совест кои очигледно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги немаат“, вели Филипче во објава на неговата фејсбук-страница.
Тој вели дека државата мора да покаже дека стои зад своите граѓани кога е најмногу потребно.
Ова, вели Филипче, не беше момент за политички инает, туку за заедничка грижа.
„Од првиот ден по трагедијата во Кочани, СДСМ се однесува со целосна почит, сочувство и одговорност за семејствата на загинатите и повредените. Не ловевме политички поени, не обвинувавме и дадовме целосна поддршка за институциите да ја завршат работата. Го ставивме страдањето на нашите сограѓани над политиката. Покажавме емпатија и конструктивност – и како партија, и како поединци“, додава Филипче.
Законското решение предложено од опозицискиот СДСМ, кое се однесува за обезбедување помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани, не ја доби потребната поддршка од пратениците за да се најде на дневниот ред на денешната собраниска седница.
Предлогот за дополнување на дневниот ред со оваа точка, која од собраниската говорница ја образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, доби 18 гласа „за“, еден „воздржан“ и ниеден „против“, по што собранискиот спикер Африм Гаши констатира дека предлогот не е усвоен.
Според Спасовски, со законското решение се предвидувало обесштетување на семејствата кои загубиле член – по 80 000 евра во денарска противвредност, а оти помош била предвидена и за сите оние кои се здобиле со инвалидитет. Во законот било предвидено и добивање приоритетен пристап до здравствени услуги – за лекување, рехабилитација – при што услугите би биле покриени од државата, како во земјата така и во странство.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно денеска рекоа дека владејачкото мнозинство во парламентот нема да даде поддршка за законот бидејќи не сака да дозволи трагедијата во Кочани да биде злоупотребена за политички маркетинг.