Тој упати порака и до македонските политичари. Ги повика да работат за својот народ и да го убедат дека Охридскиот договор е спасот за оваа земја и дека иднината треба да се гради заедно
Не сум навредувал политичари, но отсекогаш сум бил навредуван. Без да ги надминеме несогласувањата, не можете да постигнете големи работи, да ја направите нацијата почесна, понапредна. Затоа, ни треба единство, да ги оставиме зад себе малите разлики и да се насочиме кон поголемите, да бидеме слуги на генерациите што доаѓаат, порача лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, на средба со граѓани и поддржувачи во Струга.

Ахмети во обраќањето повторно го поздрави потегот на министерот за здравство и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој ја напушти коалицијата ВЛЕН поради несогласувања за настапот на претстојните локални избори во октомври годинава. Претседателството на крилото на Алијанса за Албанците на Таравари одлучи на изборите да оди со сопствени советнички листи. Дополнително, она што ги налути довчерашните негови сојузници во ВЛЕН се и наводите за комуникација меѓу Таравари и лидерот на ДУИ, Ахмети. Ова го отвори и прашањето за идното функционирање на крилото на Алијанса во Владата.
„Господинот Таравари добро направи, го осети земјотресот што ќе се случи. Осети големи неправди што нè враќаат 20 години назад. Добро направи! Но, и овие што остануваат, нека си одат што е можно поскоро бидејќи во спротивно ќе останат внатре во тунелот“,
рече лидерот на ДУИ.
Тој упати порака и до, како што кажа, македонските политичари. Ги повика да работат за својот народ и да го убедат дека Охридскиот договор е спасот за оваа земја и дека иднината треба да се гради заедно.
„Сакаме навистина добри стандарди. Не сакаме да влегуваме во конфликт ниту да ги ставаме Албанците во конфликт со нашите македонски сограѓани. Земјата мора да се гради заедно, стандардите мора да се градат заедно. Иднината мора да се гради заедно! Сонцето нè грее сите, небото нè покрива сите. Им велам, македонски политичари, им реков и во канцелариите, не туркајте го народот, не го фаќајте народот за гуша, работете со вашиот народ и убедете го дека Охридскиот договор е спасот на оваа земја“,
рече тој.
Ахмети вели треба да се оставаат на страна дневните политички пропаганди дека ДУИ е злото во ова држава и да спроведе „ветинг“ во државава.
„Нека ги остават дневните политички пропаганди, дека злото во оваа земја е ДУИ. Корумпирани, криминални и сè друго. Ајде, дајте да направиме ветинг. Да отвориме истрага за сите политички партии, сите функционери и приватизацијата. Оставете ги глупостите. Овој е криминалец, а оној е крадец. Ајде да отвориме истрага. Започнете од мене! Не велам јас да почнеме со Христијан (Мицкоски), ниту од Зоран (Заев) кој избегал во Дубаи. Од мене да почнеме. Немаат храброст затоа што пораснаа на арам леб“,
кажа Ахмети.