Според него, целта на оваа кампања на СДСМ не е лично тој, туку партијата ЗНАМ, за која рече дека е најбрзорастечкиот политички субјект во земјава
Земјиштето за кое ме обвинува Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) е сопственост на моето семејство и наследство од моите предци со турска тапија. Ова денеска го рече денеска лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, коментирајќи ги вчерашните објави на општинските советници на опозицијата дека во градот се случува најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении.

Димитриевски посочи дека целта на оваа кампања на СДСМ не е лично тој, туку партијата ЗНАМ, за која рече дека е најбрзорастечкиот политички субјект во змејава.
Вели дека тогашната парцела изнесувала 18 илјади квадратни метри, а државата по пат на денационализација на неговото семејство им вратила само 1 200 квадратни метри земјиште, додека 4 800 квадратни метри ги обесштетила со обврзници од по 800 денари по метар квадратен.
„Тоа значи дека мојата фамилија изгубила 12 000 квадратни метри сопствен имот“,
вели Димитриевски.
Според него, актуелниот Детален урбанистички план (ДУП) е донесен во 2010 година во време на поранешниот градоначалник на општината, Зоран Дамјановски-Циц, од редовите на СДСМ. Со новиот ДУП, додава дека постоечката парцела и габарити не се менуваат.
„Земјиштето за кое сега неосновано ме обвинува СДСМ е со вкупна површина од 1 200 квадратни метри, и е во сопственост на моето семејство. Тоа е само 2,8 отсто од вкупната површина на парцелата во ДУП“,
рече тој.
Посочи дека инвеститорот „Лидл“ прави преддоговор за откуп на имотот од таа парцела во ДУП на 23.02.2024 година и договор за купопродажба на земјиште од 1 200 квадратни метри на 26.01.2024 година.
„На 27.02.2024 година, согласно новиот закон за урбанистичко планирање од 2020 година, донесен од СДСМ, на 27 февруари годинава покренува иницијатива за усогласување на номенклатурата, односно намената. Советот на општина Куманово не донесе одлука за усвојување на ДУМ, туку одлука за отпочнување на постапка или усвојување на нацрт-ДУП“,
посочи лидерот на ЗНАМ.
На СДСМ му порача:
„Колку повеќе лажете, толку посилен ќе бие нашиот одговор. Завршено е времето на Заев, Спасовски и Филипче“.
Посочи дека СДСМ не е веќе партија, туку остаток од мафија, на кои им се тресе фотелјата.
„Никому не должам ништо, ниту на ДУИ, ниту на СДСМ, ниту, пак, на нивните тајкуни. Затоа и им пречам, што не можат да ме купат, уценат или заплашат“,
посочи тој.
Ги повика надлежните институции да го испитаат овој предмет и додаде дека доколку се утврди каква било одговорност да некој што е засегнат или поврзан со случајот да следат последици.
Александар Јовановски, советник во Советот на Општина Куманово, денеска објави документи за, како што рече, најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум и бизнис-партнер Драган Митевски.
Според него, Митевски преку ноќ купил земјиште од Димитриевски и неговото семејство за 250 000 евра, а неколку дена подоцна му го продал на „Лидл“ за 600 000, евра со што заработил 350 000 евра со нула инвестиција.
Од советничката група на СДСМ, вчера, кога почнаа со објавување на овој случај, побараа Обвинителството да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција, Државниот завод за ревизија да спроведе ревизија за целата постапка на измена на ДУП, а Државната комисија за спречување корупција итно да постапи.
Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, вчера во одговор на обвинувањата од советниците на СДСМ од Советот на Општина Куманово, рекоа дека партијата е во паника и прави дефокус од нивните корупциски афери. Од партијата ѝ порачаа на СДСМ дека ЗНАМ се поинакви од нив, како и дека тоа го докажале многупати досега.