Јовановски денеска праша и дали постои друг договор помеѓу кумот на Димитриевски и „Лидл“, според кој Митевски се обврзува да издејствува измена на ДУП во рок од две години. Јовановски рече дека иако Митевски ги наплатил сите 600 000 евра, може да користи само 180 000 евра, а останатите 420 000 евра ќе може да ги користи по реализацијата на договореното

Денес ги објавуваме документите за најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум и бизниспартнер Драган Митевски. Вака Александар Јовановски, советник во Советот на Општина Куманово, ја почна денешната прес-конференција, на која, како и вчера, беа изнесени низа обвинувања поврзани со актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Советниците на СДСМ во Општина Куманово вчера обвинија за „најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении“.
Јовановски денеска, држејќи документ, рече дека тоа е полномошно со кое кумот на Димитриевски, Драган Митевски, му дава овластување на „Лидл“ да постапува за измена на Деталниот урбанистички план.
„Односно, ’Лидл’ во име на Драган Митевски има право да иницира постапка за измена на ДУП во општина Куманово“,
рече Јовановски.
Како што посочи тој, Митевски преку ноќ купил земјиште од Димитриевски и неговото семејство за 250 000 евра, а неколку дена подоцна му го продал на „Лидл“ за 600 000, евра со што заработил 350 000 евра со нула инвестиција.
Потоа, додаде Јовановски, ги овластил купувачите да спроведат постапка за менување на ДУП кај неговиот кум Димитриевски.
„Постои ли поочигледен судир на интерес и корупција?“,
праша Јовановски.




Според него, за да биде скандалот поголем, при првото гласање на Советот на општината за измената на ДУП, кое подоцна е поништено, за него и измената гласал и братот на Драган Митевски, Дарко Митевски, кој е координатор на советничката група на ЗНАМ.
„Не се знае кој повеќе е заглавен во конфликт на интереси во овој случај, крајот не може да им се фати“,
рече советникот.
Откако првото гласање пропаднало, Димитриевски, како што рече советникот, постигнал договор со советниците на ДУИ, кои го изгласале планот на второто гласање.
Тој рече дека сè уште не е познато што им е ветено на советниците од ДУИ и додаде дека на Димитриевски му даваат уште еден ден, а потоа ќе го објават и неговиот договор за оваа работа.
Покрај ова, Јовановски денеска праша и дали постои друг договор помеѓу кумот на Димитриевски и „Лидл“, според кој Митевски се обврзува да издејствува измена на ДУП во рок од две години. Јовановски рече дека иако Митевски ги наплатил сите 600 000 евра, може да користи само 180 000 евра, а останатите 420 000 евра ќе може да ги користи по реализацијата на договореното.
Информациите на партијата, како што рече Јовановски, се дека има таков договор и побара итно и неодложно постапување на институциите на прогонот, Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување корупција.
„Итно мора да се оформи предмет за овој повеќе од очигледен случај на корупција на Максим Димитриевски“,
рече Јовановски.
Од советничката група на СДСМ, вчера, кога почнаа со објавување на овој случај, побараа Обвинителството да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција, Државниот завод за ревизија да спроведе ревизија за целата постапка на измена на ДУП, а Државната комисија за спречување корупција итно да постапи.
Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, вчера во одговор на обвинувањата од советниците на СДСМ од Советот на Општина Куманово, рекоа дека партијата е во паника и прави дефокус од нивните корупциски афери. Од партијата ѝ порачаа на СДСМ дека ЗНАМ се поинакви од нив, како и дека тоа го докажале многупати досега.