Станува збор за настан што се случил на 24 август минатата година во парк во населбата Чаир

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 59-годишен маж кој се товари за полов напад врз малолетник.
Од Обвинителството велат дека мажот на 24 август минатата година, во парк во населбата Чаир, започнал да допира дете кое во тој момент имало наполнето 15 години. Кога почнал да го допира, детето му ја фатило раката и се заканило дека ќе викне полиција.
Обвинетиот во тој момент се обидел да избега и се сокрил во влез од зграда по што детето ја затворило вратата и повикало полиција која го привела обвинетиот.
Од ОЈО додаваат дека за обезбедување на обвинетиот во текот на постапката во сила се мерки на претпазливост определени од судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот.
Иако во денешното соопштение од Обвинителството не е наведено за кој точно случај станува збор и дали за него претходно е информирана јавноста, сепак, според денот на случувањето и описот на настанот, станува збор за случајот во кој осомничениот е татко на поранешниот портпарол на коалицијата ВЛЕН, Фари Хисени.
Тој тогаш соопшти дека решил да ги замрзне своите политички активности оти, како што рече, не сака да создаде впечаток дека преку функцијата што ја извршува може на кој било начин да влијае на институциите што го истражуваат случајот.